Саудиска Арабија најави создавање Меѓународна алијанса чија цел е формирање палестинска држава и спроведување на дводржавното решение.
„Денес, во име на арапските и исламските народи, заедно со нашите европски партнери, го објавуваме започнувањето на Меѓународната алијанса за спроведување на дводржавното решение. Ве покануваме да ѝ се придружите на оваа иницијатива“, рече саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан на министерскиот состанок за палестинското прашање и напорите за мир.
Говорејќи во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк, тој не даде дополнителни детали за алијансата, но се заложи за меѓународно дејствување.
Фајсал ја осуди „катастрофалната хуманитарна криза“ во Газа и „сериозните прекршувања извршени од израелските окупаторски сили на Западниот Брег“, соопшти Саудиската агенција за печат (СПА).
Тој ги опиша овие акции како дел од „поширока политика на окупација и насилен екстремизам“.
„Правото на самоодбрана не може да оправда убиство на десетици илјади цивили, систематско уништување, принудно раселување, употреба на глад како оружје за војна, поттикнување омраза, дехуманизација или употреба на систематско мачење, вклучително и сексуално насилство и други документирани злосторства според извештаите на Обединетите нации“, рече тој.
Во врска со ескалацијата на насилството во регионот, вклучително и континуираните напади на Израел врз Либан, Фајсал предупреди на потенцијален поширок конфликт: „Сведоци сме на опасна регионална ескалација што влијае врз нашата братска нација Либан и се заканува да разгори регионална војна што го загрозува нашиот регион и целиот свет.“
Фајсал повика „итно запирање на тековната војна и сите прекршувања на меѓународното право“.
Тој, исто така, го доведе во прашање кредибилитетот на меѓународниот систем, велејќи: „Мора да се запрашаме што останува од кредибилитетот и легитимноста на глобалниот поредок кога ќе останеме немоќни да ја запреме воената машина, додека некои инсистираат на селективна примена на меѓународното право со очигледно кршење на најосновните стандарди за еднаквост, слобода и човекови права.“
Тој повтори дека формирањето независна палестинска држава е основно право и основа за мир, а не само конечен исход за кој ќе се преговара во далечен политички процес.
„Ги поздравуваме земјите што неодамна ја признаа Палестина и ги повикуваме сите земји да покажат храброст и да го направат истиот чекор, вклучувајќи се во меѓународниот консензус од 149 земји што веќе ја признаа Палестина“, рече тој.
Хезболах и Израел се вклучени во прекугранична војна од почетокот на израелската војна против Газа, во која загинаа повеќе од 41.500 луѓе, повеќето жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас во октомври минатата година.