Советот за национална безбедност на Република Туркије соопшти дека внимателно ги следи настаните кои можат да влијаат на прашањата за мирот и стабилноста на Балканот и ја потврди својата поддршка за сите конструктивни чекори засновани на праведно решавање на споровите.
По тричасовно заседавање под претседавање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Советот за национална безбедност на Туркије потврди дека ќе продолжи со напорите во елиминација на терористите на ПКК/ЈПГ, и покрај поддршката што таа терористичка група ја добива, што се покажа во неодамнешните настани во соседна сирија и Ирак.
„Најновиот развој на настаните во Сирија и Ирак беше „од клучна важност за разбирањето на реалната намера на оние кои продолжуваат да ги опремуваат ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ со сите средства и можности, вклучувајќи хеликоптери, под превезот на борбата против терористичката организација ДЕАШ“, се наведува во соопштението објавено по повеќечасовното заседавање на Советот за национална безбедност под претседавање на турскиот претседател Ердоган.
ПКК, која е наведена како терористичка организација во Туркије, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, одговорна е за смртта на повеќе од 40.000 цивили, вклучувајќи жени, деца и стари лица, во период од повеќе од 35 години. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Констатирајќи го успехот на Туркије во антитерористичките операции, Советот за национална безбедност ја потврди одлучноста на земјата „целосно да ја елиминира сепаратистичко-терористичката организација (ПКК/ЈПГ) и сите нејзини ограноци, и покрај сета поддршка зад нив и нема да дозволи создавање на терористички коридор долж нејзините граници“.
„Во рамките на турската политика, која се заснова на одржување на мирот и стабилноста, воспоставена и спроведена во тесна консултација и соработка со балканските земји, внимателно се следат настаните кои можат да влијаат на прашањата во регионот“, се нагласува во соопштението и се потврдува поддршката за сите конструктивни чекори кои се засноваат на правично решавање спорови.
Во контекст на односите со Грција, Советот изрази волја да се задржи позитивната атмосфера што неодамна беше постигната, истакнувајќи дека тоа ќе биде од корист за двете страни, но и за регионот. Понатаму е истакнато дека моменталниот развој на настаните во Егејско море и источното Средоземје се следи внимателно.