Патнички авион се сруши во Непал / Photo: AA

Авион со 68 патници и четворица членови на екипажот се сруши во регионот Похара во централниот дел на Непал, а во несреќата загинале 68 лица.

Според веста на весникот „Катманду пост“, патничкиот авион „АТР 72“ на „Јети ерлајнс“, што полета од главниот град Катманду во правец на Покара, се срушил во близина на долината на реката Сети.

Портпаролот на компанијата, Сударшан Бартаула, изјави дека во авионот се наоѓале 68 патници и четиричлен екипаж.

На снимката објавена на државната телевизија може да се забележи како пламен и чад излегуваат од авионот што се урна во зона во подножјето на Хималаите.

Гаурав Гурунг, жител на подрачјето кој од терасата на својата куќа бил сведок на моментот на несреќата, истакна дека авионот при слетување се превртел во воздух и удрил во земјата.

Тек Бахадур К. Ц., функционер во областа Каски, нагласи дека пронајдени се безживотните тела на 68 лица кои загинаа во несреќата.

Бахадур додаде дека во тек се операциите за извлекување на безживотните тела од срушениот авион.

Во писменото соопштение на Агенцијата за цивилна авијација на Непал се истакнува дека меѓу странците кои се наоѓале во авионот, 5 лица биле со потекло од Индија, 4 од Русија, 2 од Јужна Кореја, а имало и државјани на Ирска, Австралија, Аргентина и Франција.

Премиерот на земјата, Пушпа Камал Дахал, побара од безбедносните сили и населението да ги поддржат операциите за спасување во регионот.

Утрешниот ден е прогласен за ден на жалост поради несреќата.

TRT Balkan / агенции
Популарни