Серија големи експлозии го потресоа украинскиот главен град Киев и други градови во време на утринскиот шпиц кога голем број граѓани одеа на работа во понеделникот. Нападите следат откако претседателот Владимир Путин ја прогласи експлозијата на мостот кон Крим за терористички напад.
Најмалку осум лица загинаа во главниот град на Украина, соопштија украинските власти, a најмалку 24 лица се повредени во ракетирањето во Шевченковскиот реон во Киев.
Претходно, украинскиот претседател Владимир Зеленски објави дека има мртви и ранети меѓу жртвите од ракетните напади, апелирајќи до жителите да останат во засолништа.
Неколку експлозии се пријавени во украинските градови Житомир, Хмелницки, Днипро, Лавов, Тернопил и Киев, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските разузнавачи дека извршиле, како што рече, „терористички напад“ на Керченскиот мост.
„Единствената тактика на Путин е терор врз мирните украински градови, но тој нема да ја сруши Украина“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Локалните медиуми објавија дека железничките линии на црвената метро линија запреле во Киев и дека сите подземни станици сега функционираат како засолништа.
Киев останува под закана, порача градоначалникот Виталиј Кличко преку Телеграм, додавајќи дека главните улици во главниот град сега се блокирани од безбедносните сили, додека спасувачките напори се во тек.
Украинското Министерство за внатрешни работи истакна дека руски проектил ја погодил улицата каде што се наоѓаат безбедносните агенции и канцеларијата на претседателот Владимир Зеленски.
Путин денес треба да претседава со состанокот на рускиот Совет за безбедност.
Кратери на улиците
На една од најпрометните патни крстосници во Киев може да се забележи огромен кратер. Автомобилите беа разнесени, зградите беа оштетени, а екипите на итната помош беа на терен. Два автомобили и едно комбе во близина на кратерот беа целосно уништени, поцрнети и изгорени од шрапнели.
Нападите беа најинтензивните што го погодија украинскиот главен град уште од раните денови на војната и ги натераа жителите да избегаат во засолништата за бомби додека густ чад уште се издигнуваше кон небото.
Пресретнати проектили
Началникот на Генералштабот на украинската Армија, Валериј Залужниј, соопшти дека руските сили утрово лансирале 75 ракети во неговата земја, од кои 41 се уништени.
Залужниј нагласи дека Русија извршила воздушни напади врз Украина.
Според него, во овие напади се користени ракети и беспилотни летала.
„Русија утрово лансира 75 ракети, од кои 41 се неутрализирани од страна на нашиот воздушно-одбранбен систем“, рече Залужниј.