Оштетувањата на гасоводот се од намерна саботажа      Фото: TRT World

Оваа недела, данските истражители заклучија дека гасоводите „Северен тек“ биле оштетени од силни експлозии во намерен чин на саботажа, но не ја префрлија вината на ниту една земја или ентитет.

Шведска веќе соопшти дека нејзината првична истрага утврдила дека штетата била резултат на саботажа.

Сè уште се шпекулира за тоа кој би можел да има корист од оштетување на виталните енергетски цевководи, кои се вкрстуваат по балтичкото морско дно, а беа погодени во истовремени напади кон крајот на септември.

Воените аналитичари од регионот велат дека е малку веројатно виновникот или виновниците веднаш да бидат именувани со оглед на засилената тензија околу украинскиот конфликт.

„Сигурен сум дека Швеѓаните не сакаат да ги споделат своите наоди толку брзо. Тие не сакаат да објават ништо пред да бидат сигурни дека имаат конкретен доказ, ако се покаже дека е Русија“, вели Јенс Венцел Кристоферсен, аналитичар во Центарот за воени студии на Универзитетот во Копенхаген.

„Кога ќе се објават наодите постои можност севкупната безбедност да се влоши. Балтичкото Море формално беше наречено „Море на мирот“, но како што Шведска и Финска се приближуваат кон членството во НАТО, веќе се нарекува Море на НАТО“. вели Кристоферсен.

Три од четирите гасоводи „Северен тек“, изградени за транспорт на руски гас до Германија и останатите европски земји, се тешко оштетени.

Екипата на „Блуај Роботикс“, норвешка компанија специјализирана за подводни беспилотни летала, оваа недела ја објави првата снимка од еден погоден дел од гасоводот Северен тек 1 што минува низ шведската ексклузивна економска зона.

„Некои делови од цевководот недостасуваат, но колкави се штетите е тешко да се каже бидејќи околу областа пловат остатоци и седименти. Можам да кажам дека најмалку 60 метри од цевката беа погодени и челикот беше свиткан“, вели Тронд Ларсен кој го управува подморничкиот дрон.

„Имаше јасни знаци на физичка активност на морското дно, што укажува дека шведските истражители веќе биле таму за да соберат докази“, вели тој.

Пред избувнувањето на војната во февруари, Русија беше најголемиот енергетски партнер на Европа, помагајќи да се обезбедат околу 40 отсто од нејзината потрошувачка на природен гас.

Во последниве месеци, Северен тек беше затворен, предизвикувајќи недостиг на енергија, зголемување на сметките за гас и притисок врз лидерите во Германија, Франција, Италија и други земји да најдат алтернативни извори за греење како што се приближува зимата.

Зошто нема заедничка истрага?

Данска, Германија и Шведска ги спроведоа своите независни истраги за нападите. Првично имаше предлог да се формира заеднички истражен тим, но Шведска се откажа.

Шведското обвинителство задолжено за истрагата не одговори на прашањата на ТРТ Ворлд, ниту дали имаат потенцијален осомничен.

Генералниот директор на Советот на земјите од Балтичкото Море со седиште во Стокхолм, кој ги застапува интересите на земјите од регионот, исто така одби да одговори зошто членките не спроведоа заедничка истрага.

„Една од можните причини е најверојатно да се избегне Русија, која инсистираше да биде дел од заедничкиот истражен тим. Постои целосен недостаток на доверба меѓу овие три западни земји и Русија. Тие навистина се сомневаат дека Москва стои зад оваа саботажа“, вели Карстен Расмусен, пензиониран бригаден генерал на данската војска.

Гасоводниот систем „Северен тек“ е претежно во сопственост на руската државна компанија „Газпром“. Кремљ вели дека нема интерес да ја уништи сопствената инфраструктура и посочува дека американските добавувачи на течен природен гас (ЛНГ) може најмногу да добијат од кризата со гас во Европа.

Расмусен, кој служеше како данско воено аташе три години во Русија до неговото пензионирање пред неколку месеци, вели дека ситуацијата достигнала точка каде што наликува на војна, но се избегнува конфликт.

„Ваквиот напад на гасоводите ги замаглува воените и невоените домени. Тоа не е чин на војна. Се одвива надвор од териториите на Данска и Шведска. Но, тоа покажува и дека биле користени експлозиви. Значи, вие сте блиску до чин на војна колку што е можно да стигнете без да го поминете тој праг“.

Што е следно?

Сè додека данските и шведските власти не ги објават своите наоди во јавноста, тешко е да се каже како точно била извршена саботажа во област која е строго надгледувана.

„Во моите 37 години во данската морнарица никогаш не сум доживеал вакво нешто“, вели Кристоферсен од Универзитетот во Копенхаген.

Поморските власти на земјите лоцирани на работ на Балтичкото Море ги следат бродовите што минуваат низ него.

„Но, што се случува под морето очигледно е тешко да се открие“, вели Кристоферсен.

Кога станува збор за безбедноста, европските претставници беа вознемирени уште пред експлозиите да ги оштетат гасоводите „Северен тек“. Сега дефинитивно ќе има дискусии за да се најдат начини да се заштитат подморските телекомуникациски кабли, електричните кабли и турбините на ветер, вели тој.

„Видовме зголемување на активноста на беспилотните летала над нуклеарните централи во Шведска и над морските турбини на ветер во Данска. Кој управувал со тие дронови е шпекулативно во моментов. Но, од нивната големина, јасно е дека тие не биле хоби дронови“, вели Кристоферсен.

TRT World
Популарни