Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повторно предупреди дека неговата земја „нема да се двоуми“ да изврши нуклеарен напад доколку „непријателот“ испровоцира со нуклеарно оружје.
Ким говореше за време на неговиот состанок со војниците на Втората чета на црвеното знаме под Генералното ракетно биро, кои учествуваа во лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета „Хвасонгфо-18“, објави Корејската централна новинска агенција.
Тој го нарече успешното лансирање на интерконтинентални балистички ракети јасна порака за офанзивниот начин на контраактивно дејство, и на војниците им рече дека лансирањето е добар пример за еволуцијата на нуклеарната стратегија на земјата: „Доктрината на Демократска Народна Република Кореја е да не се двоуми дури и за нуклеарен напад кога непријателот провоцира со нуклеарки“.
Севернокорејскиот лидер истакна дека лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета ги „потресе“ САД, и го обвини Вашингтон за моменталните тензии во регионот.
Шефовите на дипломатиите на САД, Јужна Кореја и Јапонија ја осудија Северна Кореја поради честите ракетни лансирања оваа недела и го повикаа Пјонгјанг да престане со понатамошните „провокации“.
Во заедничката изјава, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, јужнокорејската министерка за надворешни работи Парк Џин и нивната јапонска колешка Јоко Камикава ги нарекоа лансирањата „сериозна закана за регионот“.
„Постојаните провокации на Пјонгјанг претставуваат сериозна закана за Корејскиот Полуостров, за регионот и меѓународниот мир и безбедност, истовремено поткопувајќи го глобалниот режим за непролиферација“, сеулски „Јонхап њуз“ ги пренесе изјавите на министрите.
Северна Кореја изврши пет лансирања на интерконтинентални балистички ракети оваа година.