Шолц се сретна со претставници на имигрантските организации / Фото: AFP

Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека ќе ги засили напорите за спротивставување на расизмот и десничарскиот екстремизам во земјата.

„Десничарскиот екстремизам е голема закана за нашата демократија и социјалниот мир. Сака да не подели, да не сврти еден против друг, а ние нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Шолц.

Тој го изјави ова по состанокот со претставници на имигрантските организации, во услови на зголемена загриженост за популарноста на екстремно десничарските партии и зголеменото насилство од неонацистите.

Шолц го пофали придонесот на имигрантите во германската економија и изрази жалење што сè повеќе од нив се соочуваат со неизвесна иднина во земјата.

„Речиси секој четврти од нас во Германија има имиграциско потекло: 20 милиони жени и мажи, колеги на работа, школски другари, соседи, соиграчи од спортски клубови, граѓани кои помагаат овде и ја движат нашата земја напред - многу од нив со децении“, рече Шолц.

Социјалдемократскиот канцелар уште еднаш им се заблагодари на граѓаните кои излегоа на улиците во последните недели за да протестираат против екстремно десничарската партија АФД, и нејзините неодамна објавени планови за масовно протерување на имигрантите.

„Ова е важен знак за демократијата, а исто така и за кохезијата во нашето општество. Ако за нешто повеќе нема место во нашата земја, тоа е националистичката расистичка идеологија. Затоа е добро што толку многу луѓе учествуваат во митинзите и демонстрациите - многу од нив за прв пат во животот“, нагласи тој.

Најновата анкета објавена од страна на институтот за истражување на јавното мислење ИНСА покажа дека 20 отсто од гласачите ќе го дадат својот глас во корист на АФД, што ја прави втора најсилна партија зад конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, кој има 30 отсто.

Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Шолц котира со само 15 отсто во последната анкета, додека нивниот коалициски партнер, Зелените, бележи пад со 13 отсто. Помалиот коалициски партнер, либералните Слободни демократи (ФДП), има рејтинг од 4 отсто.

AA
Популарни