Главните европски политички партии постигнаа договор за тоа кој треба да се најде на водечките позиции во Европската унија, објави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Говорејќи пред членовите на германскиот парламент, Шолц рече дека шестмина лидери на ЕУ кои ги претставуваат главните политички групи во Европа конечно постигнале договор за ова прашање.
„Антонио Коста ќе биде идниот претседател на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен ќе биде претседател на Европската комисија, а балтичката политичарка Каја Калас ќе биде висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика“, рече Шолц.
Тој истакна дека со овој договор се надеваат дека највисоките претставници на ЕУ нема да се потпираат на поддршката на радикалните или популистичките партии во Европскиот парламент.
„Добро е што конструктивните, проевропски партии имаат јасно мнозинство во Европскиот парламент и очекувам дека идниот претседател на Европската комисија ќе се потпре токму на такво мнозинство во парламентот“, додаде Шолц.