Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето новогодишно обраќање ги повика граѓаните да не дозволат „сопствениците на социјалните медиуми“ да одлучуваат за исходот од германските избори, откако извршниот директор на Х, Илон Маск, повеќепати ја поддржа екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AфД).
Шолц изјави дека само германските граѓани имаат моќ да одлучат „по кој пат ќе тргне Германија“, по изборите закажани за 23 февруари.
„Тоа нема да го одредат сопствениците на социјалните мрежи“, рече Шолц, додавајќи дека судбината на германското општество зависи од „огромното мнозинство мудри и пристојни луѓе“.
Иако директно не го спомна Маск или неговата платформа Х, Шолц ја повика Германија да се спротивстави на манипулациите и да се бори за својата демократија.
„На крајот на краиштата, вообичаено е да се посакуваат желби на Нова година. Мојата желба е да не дозволиме да нѐ свртат еден против друг“, рече Шолц.
Тој изјави дека по нападот на божиќниот пазар во Магдебург на 20 декември, во кој загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени, на социјалните мрежи имало бран дезинформации.
„Многу од тие гласини подоцна беа демантирани. Овие работи нѐ разделуваат и нѐ ослабуваат. Ова не е добро за нашата земја“, рече Шолц.
Владината портпаролката Кристијана Хофман претходно вчера го обвини Маск дека се обидува да се меша во изборниот процес во Германија, откако американскиот бизнисмен неколку пати отворено ја поддржа АфД, партија која германските власти ја означуваат како екстремистичка.
Маск на Икс напиша дека „само АфД може да ја спаси Германија“.
АфД во моментов е на второто место во анкетите со поддршка од околу 19 отсто.