Што е БРИКС и како функционира?     Фото: ТРТ Балкан

Блоковската поделеност и концентрацијата на моќ е главната причина за формирањето на БРИКС (BRICS), економско-политички сојуз на пет држави со растечки економии од различни континенти.

Во 2009 година Бразил, Русија, Индија и Кина го формираа БРИК (BRIC). Во 2010 година на овие четири држави им се приклучи и Јужна Африка. Од тогаш кратенката на организацијата е BRICS, составена од првите букви на земјите кои членуваат во неа (Brazil, Russia, India, China, South Africa)

Брзиот економски раст како обединувачки фактор

БРИКС е формиран со идеја да биде алтернатива на западните системи. Главните сфери на соработка се економијата, финансиите, политиката, безбедноста, културата… Земјите членки заеднички работат и на борбата против тероризмот, перењето пари, трговија со дрога, корупцијата.

Она што ги обединува е брзиот економски напредок и економски раст. Работат заеднички на мултиполарен светски поредок.

Проширување или не?

Кина е најголем поборник на проширувањето на БРИКС. Кинескиот претседател Си Џинпинг неодамна ја повика и Аргентина да им се приклучи. Оваа земја неколкупати досега пројавила интерес да биде дел од овој сојуз. Според Кина, глобалната безбедност е полето на кое треба да работат земјите членки.

Наспроти ова, фактот дека се работи за земји од различни континенти со различно политичко и економско уредување кои се доживуваат како конкуренти засега се појавува како можен проблем во функционирањето.

Три милијарди жители во земјите од БРИКС

Влијанието на сојузот е особено големо, ако се имаат во предвид природните ресурси, населението и големината на територијата на овие земји. Вкупната површина на БРИКС изнесува 39.746.220 квадратни километри.

Во овие земји живеат 3,21 милијарди жители што е 26,7 отсто од вкупната светска копнена површина и 41,5 отсто од вкупното население. Четири од петте земји членки се меѓу десет најголеми држави по население и површина во светот. Земјите од БРИКС еднаш годишно одржуваат самит.

Сопствен систем за наплата

Земјите од БРИКС имаат склучено договор кој се нарекува Contingent Reserve Arrangement кој служи како механизам за одбрана од глобалните економски притисоци кога е во прашање ликвидноста. Овој договор е пандан на Меѓународниот монетарен фонд. Во Contingent Reserve Arrangement се пропишани условите за склучување аранжмани.

Во 2015 година на самитот на БРИКС во Русија земјите членки иницираа креирање паралелен систем за наплата сличен на СВИФТ.

БРИКС има и своја банка

Одлуката за основање на банкa на членките на сојузот е од 2014 година а беше ставена во функција во 2015 година. Почетниот капитал на банката беше 50 милијарди евра. Преку неа се кредитираат мали земји во развој. Идејата на земјите беше да создадат финансиска независност од финансиските политики на западните земји.

Двигатели на светската економија до 2030 година?

Во Северна Македонија и на Балканот за влијанието на БРИКС нема многу истражувања. Универзитетската професорка Зорица Силјановска која го истражува корпоративното управување во БРИКС како предизвик за глобалната економија смета дека клучната стратешка определба на земјите од БРИКС е да станат главни двигатели на светската економија до 2030 година.

„Овие земји сакаат и да изградат праведен и избалансиран меѓународен поредок кој ќе ја одразува динамиката на денешната глобална економија. За да го остварат тоа мора да вложуваат во продуктивни инвестиции во нови економии и економии во развој”, вели Силјановска

Според професорката, соработката на БРИКС се базира и на неуспехот на глобалната економија да ги задоволи нивните потреби.

„Како резултат на тоа, земјите од БРИКС воспоставија нов механизам за соработка кој ја промовира политичката и безбедносната структура на реформи во управувањето во ОН и во меѓународните финансиски, монетарни и трговски системи”, објаснува Силјановска за ТРТ Балкан.

Кризата во Украина како што вели нема да влијае негативно на односите меѓу членките во овој сојуз.

„Функционирањето на БРИКС во иднина ќе биде во насока на зајакнување и унапредување на односите на економски план и остварување на целите зацртани до 2030 година. Придобивките најверојатно ќе бидат најизразени за Кина, земја која се очекува да го земе приматот во глобалната економија”, истакнува Силјановска.

TRT Balkan
Популарни