Над 50 шефови на држави и преку 1.500 директори на фирми ќе бидат во Давос      Фото: AP

Светската економска и политичка елита годинава повторно ќе се собере во луксузното швајцарско алпско одморалиште Давос каде ќе се креираат новите политики за справување со инфлацијата, можната рецесија на економијата и предизвиците со глобализацијата и енергетиката, но и главните геополитички проблеми како војната во Украина.

На програмата во наредните денови се панел дискусии и за справување со климатските промени и сиромаштијата, но се очекуваат и демонстрации на климатските активисти како и на анти-естаблишментот.

Покрај дискусиите ќе бидат презентирани извештаи за глобалните состојби во економијата, како и документи со предлог политики.

Кој ќе (го нема) во Давос?

За разлика од изминатите форуми, оваа година иако се најавени над 50 лидери на држави, видливо е отсуството на првите луѓе на САД, Велика Британија, Франција, Кина, Русија, Јапонија и други.

Од регионот најавено е учеството на Александар Вучиќ претседател на Србија, Еди Рама премиер на Албанија, Андреј Пленковиќ премиер на Хрватска и Киријакос Мицотакис премиер на Грција.

Во Давос ќе бидат присутни практично сите предводници на европските институции, вклучувајќи ја Урсула фон дер Лајн претседателка на ЕК, како и Јенс Столтенберг ген-секот на НАТО. Предвиден е простор и за главните агенции на Обединетите Нации, како и шефовите на ММФ, Светска банка, Европската централна банка и ЕБРД.

Од политичкиот врв на САД ќе говорат Мартин Волш секретар за труд и Џон Кери специјален пратеник на претседателот за климатски прашања.

Затоа, форумот ќе надомести со присуство на рекорден број од 1.500 директори на водечки компании. Исто така видливо е отсуството на крипто компаниите, по пропаста на ФТХ берзата и судскиот процес за измама против нејзиниот основач Сем Бенкман Фрајд.

Токсични објави на социјалните мрежи

Твитер е невообичаено преплавен со конспиративни информации за претстојниот форум. Практично официјалниот хаштаг на настанот #WEF23 е „киднапиран“ од теоретичарите на заговори кои објавуваат клик-бејт содржини кои излегуваат во преден план, наместо новостите од Давос.

Претходно организацијата на настанот го вметна Твитер дури на два дена пред истекот на 2022 година, а интересно е што ги стави во преден плен останатите социјални мрежи како Јутјуб, Фејсубк и Линкдин на кои има официјални страни и канали, како и присуството на кинеските социјални мрежи и апликации ТикТок, Вејбо и Вичат.

Засега има и молк од Илон Маск за начинот на кој се модерираат објавите поврзани со Светскиот економски форум. Секако, токсичните објави и дезинформациите не изостануваат ниту на останатите социјални мрежи.

TRT Balkan / агенции
Популарни