Сегашниот изглед на унифромата на гардата бил осмислен во 1914 година     Фото: Reuters

Над 500 години се грижат за безбедноста на Папата, а од нив повеќе од еден век облечени во карактеристична, шарена униформа, со сини, жолти и црвени линии стојат на влезот на Ватикан и пред просториите на поглаварот на Римокатоличката црква.

Припадниците на Швајцарската гарда во Ватикан, најмалата војска на светот, се вкупно 110.

Но гардата бара уште 25 членови. Главна причина е настанот кој ќе се случи во 2025 година кога се очекува милиони аџии да го посетат Ватикан. Тоа ќе биде зголемување од речиси 23 % на актуелниот капацитет на гардата.

Кој може да се пријави?

Гардата неделава објави и соопштение во кое се вели дека со цел да се помогне во регрутирањето на припадници ќе биде отворена канцеларија за медиуми и контактна точка во Швајцарија.

„На конкурсот можат да се јават мажи меѓу 19 и 31 година кои не се во брак, Швајцарци католици со добро здравје, беспрекорна репутација, високи најмалку 1,74 метри и со завршена обука во швајцарската армија”, е наведено во соопштението.

Кандидатите кои ќе бидат примени во Швајцарската гарда ќе можат да се венчаат по пет години.

Новата касарна за Швајцарската гарда се очекува да биде ставена во функција во 2026 година во случај да се донесе одлука и жените да станат дел од гардата.

Папата Франциск именуваше жени на голем број високи раководни позиции во администрацијата на Ватикан. Тоа е дозволено со уставот од март годинава.

Швајцарска фондација веќе собрала повеќе од 37 милиони швајцарски франци од потребните 45 милиони за замена на бараките во кои сега се наоѓа седиштето на гардата.

Како била основана гардата?

Гардата постои од 1506 година односно од времето на Папата Јулиј Втори. Тој ги замолил швајцарските власти да му испратат војска од 200 припадници заради заштита на Ватикан. Швајцарија го прифатила повикот и на 22 јануари со марширање пристигнале првите 150 војници.

Како настанала препознатливата униформа?

Униформата по која сега се препознатливи ватиканските гардисти е заслуга на еден од командантите на гардата Жил Ремонд. Тој го осмислил изгледот на униформата на гардата во 1914 година. Како инспирација му послужиле делата на Рафаело. Сината и жолтата боја биле на барање на папата Клемент Седми додека папата Лав Десетти ја додал црвената.

Биле подготвени да го бранат Ватикан од Хитлер

За првпат откако функционира гардата на Ватикан била ставена на тест во 1527 година за време на војните околу Рим.

Во 1798 година гардата накратко била распуштена бидејќи Наполеон го заробил Папата. За време на Втората светска војна гардистите за првпат ги соблекле шарените униформи, а облекле сиви униформи. Со нив и со огнено, наместо церемонијално оружје биле подготвени, ако треба да го бранат Ватикан кога армијата на Хитлер влегла во Рим. Сепак Ватикан не бил нападнат.

Единствена Швајцарска гарда надвор од земјата

Освен за безбедноста на папата, швајцарските гардисти во историјата се грижеле и за безбедноста на повеќе значајни личности како Марија Терезија, кралеви на Франција, Неапол, Саксонија.

Иако од 1874 година според швајцарскиот устав е забрането регрутирање војници во други држави, сепак гардата која се грижи за безбедноста на Папата и денес е во функција.

TRT Balkan / агенции
Популарни