Околу 2,3 милиони Палестинци се борат со гладот во Газа / Photo: AA

Палестинците во Појасот Газа сѐ повеќе се соочуваат со недостаток на храна поради израелските напади и опсада на палестинската енклава, известува Анадолу.

Жителите на Рафа секој ден со кантички и садови во рацете чекаат во долги редици за да добијат оброк кој живот значи. Меѓу луѓето во редиците се наоѓаат и голем број деца кои се обидуваат да дојдат до храната за да преживеат во тешките воени услови.

Сѐ потешко е да се најде храна во Рафа, каде засолниште побараа стотици илјади Палестинци бегајќи пред израелските напади. Населението на Газа кое дојде во овој град преживува благодарение на оброците што им ги подготвуваат волонтерите.

И покрај тоа што настапи месецот на постот Рамазан, жителите на Газа сѐ потешко наоѓаат храна за суфур, оброк пред почетокот на постот, и за ифтар, оброк кој се јаде по завршувањето на постот со заоѓањето на сонцето.

Околу 2,3 милиони Палестинци се борат со гладот во Газа, откако Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Во овие напади досега се убиени најмалку 31.184 Палестинци, а 72.889 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.

Населението на Газа се обидува да преживее на тој начин што подготвува леб од сточна храна, бидејќи не може да најде брашно.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

AA
Популарни