Саботажа е најверојатната причина за истекување на гас во Балтичкото Море од гасоводот што оди од Русија до Европа, изјавија европските лидери, откако сеизмолозите пријавија експлозии околу гасоводот „Северен тек“.
Две „масивни ослободувања на енергија“ беа забележани од Шведската национална сеизмичка мрежа непосредно пред истекувањето на гас во близина на нивните локации во близина на брегот на данскиот остров Борнхолм, изјави сеизмологот од Универзитетот Упсала, Петер Шмит.
„Толку големи ослободувања на енергија не можат да бидат предизвикани од ништо друго освен експлозија“, додаде тој.
Шефицата на ЕУ Урсула фон дер Лајен во вторникот рече дека „саботажа“ е причина за протекувањето гас. Таа се закани со „најсилен можен одговор“ на какво било намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура.
Гасоводите Северен тек 1 и 2 беа во центарот на геополитичките тензии во последниве месеци, бидејќи Русија го прекина снабдувањето со гас за Европа под сомнеж дека тоа го сторила од одмазда против санкциите на Западот за воената офанзива против Украина.
Данската премиерка Мете Фредериксен посочи дека станува збор за „намерни дејствија“, велејќи: „Не зборуваме за несреќа“.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека протекувањето е чин на саботажа што „веројатно го означува следниот чекор на ескалација на ситуацијата во Украина“.
И шведската премиерка во заминување Магдалена Андерсон рече дека „имало детонации“, иако министерката за надворешни работи Ен Лин рече дека тие нема да „шпекулираат за мотивите или за учесниците“.
Копенхаген очекува истекувањето на цевководите, кои се полни со гас, но не работат, да траат „најмалку една недела“ - додека не истече метанот што излегува од подводните цевки.
Како и Данска, шведската влада рече дека не го смета ова како акт на агресија против земјата, имајќи предвид дека настаните се случиле надвор од нејзините територијални води, во ексклузивните економски зони.