Состанокот во четвртокот започна со едноминутно молчење за да им се оддаде почит на жртвите од разорниот земјотрес на 6 февруари во Туркије

Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека меѓународните институции не успеале да одговорат на најитните светски предизвици при отворањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Њу Делхи.

Состанокот во четвртокот започна со едноминутно молчење за да им се оддаде почит на жртвите од разорниот земјотрес на 6 февруари во Туркије во кој загинаа над 45.000 луѓе и уште над 5.800 во соседна Сирија.

„Сите ние мора да признаеме дека мултилатерализмот е во криза денес“, рече Моди во воведната снимена изјава.

„Искуството од последните неколку години - финансиска криза, климатски промени, пандемија, тероризам и војни - јасно покажува дека глобалното владеење не успеа.

Иако Индија ја дели загриженоста на Западот за Кина, таа исто така е главен купувач на руско оружје и го зголеми увозот на руска нафта.

Индија не ја осуди војната во Украина, иако Моди му рече на Путин минатата година дека ова „не е време за војна“ во коментарите кои се сметаат за укор за Москва.

Моди ги замоли делегатите на Г-20 да го направат состанокот успешен, притоа премолчено признавајќи ги длабоките поделби на блокот околу конфликтот.

„Не треба да дозволиме прашањата што не можеме да ги решиме заедно да им пречат на оние што можеме“, рече тој.

Војната во Украина

Состанокот на Г-20 ги донесе американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во иста просторија за првпат од јули, но двајцата најверојатно нема да разговараат.

Западните делегати стравуваат дека Кина размислува да испорача оружје на својот руски сојузник и тие ќе го искористат самитот на министрите за надворешни работи за да го обесхрабрат Пекинг да интервенира во конфликтот.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека е уверен дека Индија ќе го искористи состанокот за „да ја натера Русија да разбере дека оваа војна мора да заврши“.

„Секако дека успехот на денешниот состанок ќе се мери во однос на тоа што ќе можеме да направиме во врска со тоа“, им рече тој на новинарите во средата.

На маргините на самитот во Њу Делхи, Борел ќе се сретне со кинескиот министер за надворешни работи, Чин Ганг, каде што ќе побара гаранции дека Пекинг нема да даде поддршка за воените напори на Русија.

„Досега одговорот беше јасно наведен од Кина, „тоа не се случило и нема да се случи“, но ние мора да останеме внимателни“, рече висок претставник на ЕУ.

Кинеската државна новинска агенција Хсинхуа минатата недела го цитираше високиот дипломат Ванг Ји дека Пекинг е подготвен да „ја зајакне стратешката координација“ со Русија по средбата со Лавров и претседателот Владимир Путин во Москва.

TRT Balkan / агенции
Популарни