Средба Ковачевски-Вучиќ: Разговори за иницијативата „Отворен Балкан“ / Photo: Прес-служба на Влада на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во Белград оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, на која се согласиле дека односите меѓу двете земји се најдобри во современата историја.

„Вучиќ констатира дека во Србија и Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предложи конкретни чекори во областа на трговијата, туризмот, културата и спортот“, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.

Се додава дека Ковачевски нагласил дека помеѓу Србија и Северна Македонија повеќе нема отворени прашања и дека нивното партнерство е пример за регионот. Нагласил дека трите документи, кои ќе бидат потпишани во текот на посетата на Белград, ќе дадат дополнителен импулс на јакнењето на соработката.

Вучиќ додаде дека Србија е определена во односите во регионот да промовира позитивна агенда ориентирана кон иднината, што се гледа и преку нејзината активна улога во иницијативата „Отворен Балкан“, а со премиерот Ковачевски разговарал за соработката во рамките на таа иницијатива и дополнителните придобивки за граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија.

TRT Balkan / агенции
Популарни