Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска донесе указ за распуштање на Народното собрание и распиша парламентарни избори за 17 декември годинава.
„Врз основа на член 109 од Уставот на Србија, на образложениот предлог на Владата од 30 октомври, донесувам указ за распуштање на Народното собрание. Донесувам одлука за распишување избори за пратеници за 17 декември“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека посакува среќни избори и дека на сите учесници им посакува добар резултат во презентирањето на нивните идеи и цели.
„Кампањата е можност на граѓаните на цивилизиран начин да им се претстават различни идеи и програми кои треба да се натпреваруваат, но да не ги загрозуваат нашите национални интереси“, рече Вучиќ.
Претходно, претседателот на Народното собрание на Србија, Владимир Орлиќ, распиша локални избори во 65 градови и општини, исто така за 17 декември, објавија српските медиуми.