Партијата предводена од поранешниот премиер Роберт Фицо победи на парламентарните избори во Словачка, според прелиминарните резултати.
Заводот за статистика на Словачка ги објави прелиминарните резултати по пребројувањето на 99,2 отсто од гласачките ливчиња, при што левичарската партија СМЕР на Роберт Фицо доби 23,3 отсто од гласовите.
Прогресивна Словачка заврши на второто место со 16,98 отсто, по што следат Глас-СД (14,98 отсто), коалицијата на Обични луѓе и независни личности и Христијанската унија (9,02%), Христијанско-демократското движење (6,91%), Партијата на слободата и солидарноста ( 6,18%) и Словачката национална партија (5,67%).
Излезноста на вчерашните избори беше 68,06 отсто, објави словачката новинска агенција ТАСР, цитирајќи го Заводот за статистика.
Иако не е убедлив, резултатот на СМЕР е подобар од очекуваниот. Последните анкети на јавното мислење покажаа дека партијата би можела да ја заврши трката пред своите ривали со мала разлика.
Фицо, инаку проруски политичар, се очекува да започне разговори со други политички партии за формирање коалициска влада, објави новинската агенција.
Со тоа што седум политички партии го достигнаа прагот од 5 отсто потребен за влез во Парламентот, коалициските преговори речиси сигурно ќе опфатат повеќе субјекти и може да бидат долги.
Фицо (59) вети дека ќе го прекине военото снабдување за Украина и ќе се залага за мировни преговори, што беше отфрлено од Украина и нејзините сојузници, тврдејќи дека тоа само ќе ја охрабри руската агресија.
Тој беше принуден да се повлече од функцијата премиер по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак во 2018 година.
Куцијак ја истражуваше корупцијата во Словачка, а се верува дека е убиен поради неговата работа како новинар.
Фицо, кој беше на местото премиер на Словачка од 2012 до 2018 година, е против заострување на санкциите против Русија, особено во енергетското поле.
Словачка, земја со 5,5 милиони жители, од мај е управувана од привремена администрација на технократи.