Хуманитарната пауза според Столтенберг го овозмоќила потребното олеснување за луѓето во Газа / Photo: АА

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се надева дека ќе има продолжување на хуманитарната пауза меѓу Израел и палестинската група Хамас.

Говорејќи на денешната прес-конференција по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел Столтенберг рече дека тие разговарале за одвраќањето и одбраната на НАТО, како и за поддршката за Украина.

Министрите, според Столктенберг изразиле загриженост за војната на Блискиот Исток. Тој како што рече го поздравува продолжувањето на паузата во непријателствата меѓу Израел и Хамас и се надева дека таа ќе биде продолжена.

“Паузата го овозможи потребното олеснување за луѓето во Газа, ослободување на повеќе заложници и обезбедување поголема хуманитарна помош”, изјави шефот на НАТО.

Како одговор на прашањето за улогата на НАТО во конфликтот, Столтенберг повтори дека НАТО како сојуз не игра активна улога во израелско-палестинскиот конфликт.

„Некои сојузници се активни на различни начини. Но НАТО не е директно вклучен. Eдна од пораките од НАТО е дека е важно овој конфликт да не ескалира во поголем регионален конфликт“, рече Столтенберг.

Според генералниот секретар на НАТО се разговарало за предизвиците што произлегуваат од јужното соседство.

“Назначив независна група експерти за детално да се занимаваат со ова. Тие ќе достават препораки до следната пролет. Малку е рано да се каже точно што ќе заклучат експертите. Сепак, дел од нестабилноста што ја гледаме кај јужните соседи на Алијансата е исто така поврзана со нестабилноста и конфликтот што се гледа со децении на Блискиот Исток. Почитувањето на меѓународното право, следењето на хуманитарното право е важно без оглед на видот на конфликтот“, додаде тој.

Катар доцна во понеделникот објави договор за продолжување на првичната четиридневна пауза за дополнителни два дена, според кои ќе се врши понатамошна размена на затвореници.

Израел започна масовна воена кампања во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш уби над 15.000 луѓе, вклучувајќи 6.150 деца и 4.000 жени, според здравствените власти во енклавата.

Официјалниот израелски број на загинати изнесува 1.200.

Предизвици од Кина

Столтенберг посочи дека тие се осврнале и на предизвиците што Кина ги претставува за евроатлантската безбедност.

„Кина не е наш противник и јас го поздравувам тоа што сојузниците водат дијалог со Пекинг за прашања од взаемен интерес. Во исто време, мора да бидеме јасно за влијанието на принудната политика на Кина врз нашата безбедност“, изјави генералниот секретар на НАТО.

Тој додаде дека министрите ќе се осврнат на ситуацијата на Западен Балкан, а утре во Советот НАТО-Украина ќе им се придружи и министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

TRT Balkan / агенции
Популарни