Столтенберг повика на намалување на тензиите во Косово

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по состанокот со претседателот на Србија Александар Вучиќ ги повика Косово и Србија да ги намалат тензиите да се воздржат од насилство и опасните реторики.

„Според Резолуцијата 1244 НАТО е одговорен за безбедноста во Косово и го замолив КФОР да ја осигура безбедноста на Србите“, рече Вучиќ, по состанокот со Столтенберг во Брисел.

Тој рече дека е многу загрижен поради последните случувања во цело Косово, а не само на северот.

„Нема тоа да го искористам за да ја обвинувам другата страна, но оваа посета е многу важна за нас, бидејќи ова станува се поважно безбедносно, а не само политичко прашање“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече дека во последните месеци „во најмалку шест Срби е пукано, а ниеден Албанец не е ниту повреден“.

Столтенберг рече дека НАТО во Косово е присутен многу години, напоменувајќи дека е присутна мисијата на КФОР.

„Ние ја осигуруваме безбедноста и слободата за сите заедници“, рече Столтенберг и додаде дека НАТО во мај го зголемил своето присуство поради тензиите. Како што рече, ќе продолжи да ги спроведува своите активности по мандатот на Обединетите нации.

„Важно е тензиите да се намала, затоа ги повикуваме двете страни да ги намалат тензиите. Силно веруваме дека патот напред е дијалог со посредство на ЕУ што НАТО го поддржува“, истакна Столтенберг.

Додаде дека Србија е НАТО партнер и дека верува оти ќе направи сѐ за да ги намали тензиите. Вучиќ во Брисел денес се состана со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина и други регионални прашња на Западен Балкан Мирослав Лајчак.

Вучиќ на Инстаграм објави дека со Лајчак разговарал за последната рунда технички разговори на Белград и Приштина и начините за намалување на напнатоста на теренот.

„Србија продолжува да инсистира на конкретни чекори со цел заштита на животот на Србите во Косово, како и на примена на досега постигнатите договори“, рече Вучиќ.

Денес разговорите во Брисел на ниво на главните преговарачи завршени се без директен состанок на делегациите на Белград и Приштина.

TRT Balkan / агенции
Популарни