Правото на Украина за самоодбрана вклучува напади на легитимни воени цели на руското тло, рече денес генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Ова сега е особено релевантно, затоа што најтешките борби се водат во областа Харков, близу украинско-руската граница. Поради тоа, на Украинците ќе им биде многу тешко да се бранат доколку не можат да гаѓаат воени цели од другата страна на границата“, рече Столтенберг пред заседанието на Советот за надворешни работи на Европската Унија.
Столтенберг исто така, ја нагласи важноста за брза испорака на многу потребните вооружени системи на Украина.
„Најитна потреба сега се повеќе системи за противвоздушна одбрана. Работиме со НАТО-сојузниците, а многу од нив, се разбира, се и членки на ЕУ, на интензивирање на испораката на муниција, системи за противвоздушна одбрана, а особено на оние најнапредните, системите Патриот“, рече Столтенберг.