Израелските затворски власти се подготвуваат да ослободат стотици палестински затвореници во рамките на очекуваниот договор за примирје и размена на затвореници со Хамас, објавија израелските медиуми денес, јавува Анадолу.
Јавниот радиодифузер КАН соопшти дека последните недели се одржале дискусии за извршните наредби и процедурите поврзани со ослободување на палестинските затвореници.
„Оваа мерка се базира врз научени лекции од претходните договори, особено од договорот за размена од ноември 2023 година“, се додава.
Во ноември 2023 година Израел ослободи 240 Палестинци, меѓу кои 71 жена и 169 деца, во замена за 81 Израелец и 24 странци што беа држени во Газа.
КАН извести дека затворските власти се загрижени за два главни предизвика: можни масовни безредија во затворите и прославите на ослободените затвореници.
„Затворската служба дискутираше за неколку опции за справување со овие предизвици, вклучително и распоредување специјални единици за да се обезбеди контрола врз потенцијалните нарушувања“, се вели во извештајот.
Службата „ќе користи автобуси со затемнети прозорци за да се спречи затворениците да се гледаат однадвор,“ додава КАН.
Во моментов Израел држи повеќе од 11.000 палестински затвореници, а се проценува дека 98 Израелци се задржани во Газа. Хамас тврди дека голем број израелски затвореници биле убиени во неселективните израелски воздушни напади.
Во вторникот Катар изјави дека преговорите за примирје во Газа се во „завршни детали“ и дека објавувањето на договорот е „неизбежно“.
Хамас, исто така, потврди дека договорот за примирје и размена на затвореници во Газа е во „завршна фаза“.
И покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за итен прекин на огнот, Израел продолжува со воените операции во Газа, во кои од 7 октомври 2023 година досега умреа повеќе од 46.700 Палестинци, главно жени и деца.
Во ноември 2024 година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во оваа енклава.