Според соопштението на владата во Газа, 22 од 35 болници во Газа станале нефункционални поради израелските напади / Photo: AA

Стотици трупови се насобрани во дворот на болницата Ал Шифа, која е опколена од израелски сили, а ова е најава за епидемија и вистинска катастрофа, предупреди палестинскиот заменик министер за здравство во Појасот Газа, Јусуф Абу ал Риш.

„Израелските сили го гаѓаат дворот на болницата Ал Шифа, каде што се натрупани стотици трупови, ситуацијата овде најавува епидемија и вистинска катастрофа“, рече Ал Риш во изјава за Анадолу.

Укажувајќи на степенот на хуманитарната ситуација во болницата, Абу ал-Риш додаде: „Ситуацијата во медицинскиот комплекс Ал Шифа, најголемата болница во Појасот Газа е многу опасна. Луѓето се принудени да ја напуштат болницата, иако се повредени, постојано баравме безбедност на нашите пациенти додека се евакуираат од болницата“.

Ал Риш истакна дека поради постојаните напади на Израел врз Појасот Газа, Министерството за здравство повеќе не може да брои загинати и повредени.

Абу ал Риш, кој смета дека „израелската администрација, меѓународната заедница и меѓународните институции“ се одговорни за опсадата на болницата од страна на израелската армија, го повика светот да обезбеди гориво за болницата што е можно поскоро за да ги спаси пациентите во болницата .

Генералниот директор на болниците во Газа, Мохамед Закут, рече дека нема безбедно место за евакуација на пациентите, новороденчињата и повредените во болницата, која веќе три дена е под опсада на Израел.

Минатата недела, Израел бомбардираше зграда во кампусот на болницата Ал Шифа и нејзината околина, тврдејќи дека „Хамас основал воена база под болницата“, а нападот предизвика човечки загуби и многу ранети.

Според соопштението на владата во Газа, 22 од 35 болници во Газа станале нефункционални поради израелските напади кои продолжуваат од 7 октомври или поради недостаток на гориво.


AA
Популарни