Мигрантите ќе бидат превезени со брод во Италија во сабота, изјави италијански функционер / Photo: Reuters

Судот во Рим нареди групаta мигранти кои Италија ги префрли во прифатните центри во Албанија да бидат вратени во Италија, и покрај тоа што италијанската влада најави дека ќе продолжи со контроверзниот план за пренасочување на барателите на азил во странство и поднесе жалба на оваа судска одлука.

Судот во Рим потенцијално му нанесе голем удар на проектот на премиерката Џорџа Мелони за сместување во Албанија на мигрантите откриени на море надвор од територијата на ЕУ, кој имаше за цел да ги одврати мигрантите да преминат во Италија по море.

Мелони свика состанок на владата за понеделник, на кој ќе биде донесена одлука за одговорот на пресудата.

Судот одлучи дека 12 мигранти од новиот албански објект во Ѓадар мора да се вратат во Италија бидејќи нивните земји на потекло - Египет и Бангладеш, не можат да се сметаат за безбедни.

Зборувајќи со новинарите за време на патувањето во Либан, Мелони ја нарече пресудата на судот „предрасудна“ и рече дека нејзината влада треба да утврди кои земји се безбедни, а кои не, сугерирајќи дека ќе подготви нови правила за справување со сместувањето на мигрантите.

„Можеби владата треба подобро да разјасни што е „безбедна земја“, рече Мелони.

Таа додаде дека е убедена дека одлуката на судот ќе биде укината, а доколку има потреба Владата ќе поднесе жалба до Врховниот суд.

Само мигрантите кои доаѓаат од 22 земји, класифицирани како безбедни од Италија, Египет и Бангладеш меѓу нив, можат да бидат испратени во Албанија .

Неодамнешната одлука на Европскиот суд на правдата (ЕСП) за прашањето на мигрантите, на која се повикува судот во Рим, вели дека земја надвор од ЕУ не може да се прогласи за безбедна, освен ако не се смета дека целата нејзина територија е ослободена од опасност.

Претседателката на судот, Лусијана Санџовани, при објавувањето на одлуката, додаде дека мигрантите имаат „право да бидат донесени во Италија“, а притворите не се предвидени во примената на начелата кои се обврзувачки за националните судови, кои беа наведени во неодамнешната пресуда на Европскиот суд на правдата.

Мигрантите ќе бидат превезени со брод во Италија во сабота, изјави италијански функционер, кој сакаше да остане анонимен.


TRT Balkan / агенции
Популарни