Суданската војска синоќа се согласи да го продолжи хуманитарниот прекин на огнот со паравоените сили за брза поддршка (РСФ) за уште 72 часа, почнувајќи од крајот на претходното примирје.
„Раководството на вооружените сили се согласи да го продолжи примирјето за дополнителни 72 часа, стапувајќи на сила од крајот на сегашното примирје“, се наведува во соопштението на вооружените сили.
Нагласено е и дека „побунетите и овој пат мора да се придржуваат до барањата за примирјето“.
Војската ја обвини РСФ за „напад на воени институции и локации на вооружените сили, саботирање на виталните објекти и загрозување на животите на граѓаните“.
Според податоците на Министерството за здравство, најмалку 460 луѓе загинале, а 4.072 се повредени во вооружените судири во Судан.
Судирите во Судан ескалираа на 15 април со борби меѓу суданската војска и паравоените сили за брза поддршка во Картум и неговата околина.
Во последните месеци меѓу војската и паравоените единици се разгореа несогласувања околу реформата на воената безбедност. Реформата предвидува целосно учество на РСФ во војската, што е едно од главните прашања во преговорите меѓу меѓународните и регионалните страни за транзиција кон цивилна, демократска власт во Судан.