Израелската армија утринава изврши упад во градот Тулкарем и бегалскиот камп Балата во северниот дел на окупираниот Западен Брег.
Израелските окупациски сили упаднаa во Тулкарем по полноќ, јави државната палестинска новинска агенција Вафа.
Во извештајот се истакнува дека неколку окупациски воени возила придружени со два тешки булдожери влегле во градот од неговата западна страна, каде што почнале да ја уриваат инфраструктурата во подрачјето на Ал-Алеми.
Вафа, исто така, објави дека израелската армија извршила рација во бегалскиот камп Балата источно од Наблус придружена со воен булдожер, што предизвика судири со Палестинците.
Очевидци изјавија дека на влезот во кампот избувнале судири меѓу палестинските милитанти и војската.
Активистите споделија видеа на кои се прикажани воени возила и булдожери за време на рациите.
Израелската армија се повлече во петокот од градовите Тулкарем и Џенин и нивните бегалски кампови на северниот дел од окупираниот Западен Брег по воената операција која траеше околу 10 дена.
Армијата подоцна соопшти дека операцијата во Џенин сè уште трае „додека не се постигнат нејзините цели“.
Паралелно со војната против Газа, израелската армија ги прошири своите операции и доселениците ги ескалираа нападите на Западниот Брег, што резултираше со смрт на 692 Палестинци и околу 5.700 ранети, покрај големиот број на приведувања, според палестинските институции.
Во тековната израелска војна во Појасот Газа загинаа речиси 41.100 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се речиси 94.800, според палестинските здравствени власти.
Тековната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, оставајќи голем дел од регионот во урнатини.