Маск го обвини судијата Мораеш дека „дрско и повеќе пати“ ги предал уставот и народот на Бразил / Photo: Reuters

Судија на Врховниот суд во Бразил покрена истрага против Илон Маск, откако американскиот милијардер најави дека повторно ќе ги активира сметките на платформата Х, за кои судот претходно нареди блокирање.

Сопственикот на Икс ја оспори одлуката на судијата Александар де Мораеш да ги блокира профилите и најави дека ќе ги укине сите ограничувања бидејќи вели дека се неуставни, повикувајќи го Мораеш да поднесе оставка.

Во објавата на платформа во саботата вечерта, Маск го обвини Мораеш дека „дрско и повеќе пати“ ги предал уставот и народот на Бразил.

„Овој судија изрече огромни казни, се закани дека ќе ги уапси нашите вработени и ќе го прекине пристапот до Икс во Бразил. Како резултат на тоа, веројатно ќе ги изгубиме сите приходи во Бразил и ќе мора да ја затвориме канцеларијата таму. Но принципите се поважни од профитот“, изјави Маск и вети дека правно ќе ја оспори оваа одлука.

Мораес одговори во неделата со проширување на истрагата за лажни вести на социјалните мрежи и за Маск, а исто така отвори истрага против милијардерот за „попречување на правдата“.

„Доколку Икс не ја исполни наредбата за блокирање одредени профили, компанијата ќе биде казнета со 19.740 долари дневно“, се вели во соопштението на судијата.

Левичарската влада на претседателот Луис Инасио Лула да Силва изрази поддршка за Мораеш, а генералниот правобранител Хорхе Месијас го критикуваше Маск и повика на регулирање на социјалните мрежи за да се спречат странските платформи да ги прекршуваат бразилските закони.

„Не можеме да живееме во општество во кое милијардерите кои живеат во странство имаат контрола врз социјалните мрежи и се ставаат во позиција да го прекршат владеењето на правото, не ги почитуваат судските наредби и им се закануваат на нашите власти“, рече Месијас во објавата на X.

Минатата година Мораеш нареди истрага и против директорите на платформата за социјални пораки Телеграм и Алфабет.

Мораеш ги истражува „дигиталните милиции“ обвинети за ширење лажни вести и пораки на омраза за време на владата на поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро, а исто така ја води истрагата за наводниот обид за државен удар на Болсонаро.

TRT Balkan / агенции
Популарни