Суспендираниот израелски пратеник од крајната левица, Офер Касиф денеска се закани дека ќе употреби физичка сила за да го спречи спроведувањето на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците кои живеат во Појасот Газа.
„Соочени со поимот арапска депортација и „егзил трансфер“, мораме да станеме и да кажеме остро и едноставно: тоа ќе биде невозможно затоа што нема да го дозволиме тоа“, напиша на Х Касиф, кој е единствениот еврејски член на партијата Хадаш-Таал со арапско мнозинство.
Тој напиша дека нема да дозволи да се случи „масовна депортација со сила“.
„Дури и да треба да лежиме под тркалата на камионите. Дури и да треба да креваме во воздух мостови. Нема да има масовна депортација со сила, бидејќи нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Касиф, кој повика на создавање палестинска држава.
Етичкиот комитет на Кнесетот во ноември едногласно гласаше да го суспендира Касиф од израелскиот парламент на шест месеци, поради коментарите што ги даде во врска со израелските одбранбени сили (ИДФ) и војната во Газа.
Комитетот ја засноваше својата одлука на голем број инциденти, кои ги опиша како „систематски модел на акции“, за кои Касиф привлече критики во последниве години, како што е објавата на социјалните мрежи во која тој ги опиша Палестинците кои се борат против ИД во градот Џенин на Западниот Брег како „борци за слобода“.
Тој, исто така, ја наведе својата јавна поддршка за тужбата на Јужноафриканската Република поднесена до Меѓународниот суд на правдата, која го обвинува Израел за геноцид.
На Касиф не му е дозволено да влезе на пленарните состаноци или на состаноците на Комитетот на Кнесетот, освен да гласа, а не му е дозволено да учествува во дебати или да се обрати во парламентот.