Косово оваа и следната година ќе има највисок економски раст меѓу земјите од регионот прогнозира Светска банка во јануарскиот извештај. Прогнозите се дека косовската економија во 2024 ќе порасне за 3,9 % и за 4 % во 2025 година.
Што се однесува до Северна Македонија економијата според СБ ќе забележи раст од 2,5 отсто, а во 2025 од 2,9 %.
Од другите земји во регионот, за Албанија се прогнозира раст од 3,2 проценти во 2024, а идентични се проценките и за 2025. Ист раст од 3,2 проценти би требало да има и Црна Гора во 2024 додека проценките за 2025 се 3,1 отсто.
Босна и Херцеговина според Светската Банка ќе има економски раст од 2,8 проценти во 2024 и 3,4 проценти во 2025 година.
Српската економија би пораснала за три проценти во 2024 година, додека во 2025 година растот би изнесувал 3,8 проценти.
Во последниот извештај Светската банка наведува дека во 2023 економиите од Западен Балкан биле под влијание на намалена трговска побарувачка, војна во Украина, цените на храната и енергенсите. На економскиот раст како што наведува Светска банка влијае и одложувањето на реформите неопходни за пристапување кон ЕУ.
Глобалниот економски раст како што се вели во извештајот во 2024 ќе биде 2,4 отсто, а во Еврозоната 0,7 отсто.
Во извештајот е наведено дека глобалната стапка на инфлација ќе изнесува 3,7 отсто во 2024 и 3,4 отсто во 2025 година.