Светската централна кујна (ВЦК) ќе продолжи со своите операции во Појасот Газа, откако седуммина нејзини хуманитарни работници беа убиени во израелски напад претходно овој месец.
„Хуманитарната ситуација во Газа и понатаму е страшна. Ја рестартираме нашата операција со иста енергија, достоинство и се фокусираме да нахраниме што е можно повеќе луѓе“, рече во неделата главниот извршен директор на добротворната организација, Ерин Гор.
Тој додаде дека ВЦK ќе продолжи да внесува што е можно повеќе храна во Газа, вклучително и северна Газа, по копно, воздух или море.
„Имаме 276 камиони, со еквивалент на речиси 8 милиони оброци, подготвени да влезат преку преминот Рафах. Ќе испратиме камиони и од Јордан. Го истражуваме поморскиот коридор и го користиме пристаништето Ашдод. Покрај 68 кујни во заедницата, градиме трета високопроизводна кујна во Маваси, другите две се во Рафах и Деир ал-Балах“, додаде Гор.
Во израелскиот напад загинаа седум хуманитарни работници - тројца британски државјани, еден Австралијанец, еден полски државјанин, еден американско-канадски двоен државјанин и еден Палестинец.
Тоа предизвика остра осуда ширум светот и барање за одговорност, при што многумина, вклучително и основачот на ВЦК, Хозе Андрес, го оспоруваат тврдењето на Израел дека нападот бил „грешка“ и случај на „погрешна идентификација“.
Гор рече дека пред да ги запре операциите, ВЦК дистрибуирала повеќе од 43 милиони оброци во Газа од 7 октомври.
Истрагата на израелската армија (ИД) за убиството на седуммина хуманитарци од Светска централна кујна во воздушен напад во Газа во понеделникот откри сериозни грешки и прекршување на воената процедура, што доведе до отпуштање на двајца офицери и официјална опомена на високи команданти.
Израелските сили погрешно претпоставиле дека целеле борци на Хамас кога беспилотно летало бомбардирало три возила на невладината организација Светска централна кујна (СЦК), се вели во извештајот, додавајќи дека се прекршени стандардните процедури.
Израел започна брутална офанзива на Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.
Повеќе од 34.400 Палестинци оттогаш се убиени, а илјадници се повредени во услови на масовно уништување и сериозен недостиг на неопходни работи.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.