Падот на Берлинскиот ѕид му претходеше на повторното обединување на Германија     Фото: Ројтерс архива / Photo: Reuters Archive

Падот на Берлинскиот ѕид на почетокот на ноември 1989 година и желбата за слобода на стотици илјади Германци беше главен повод 14 години подоцна, тогашниот американски претседател Џорџ Буш да го прогласи 9 ноември како Светски Ден на слободата.

Денот на падот на железната завеса, кој му претходеше на повторното обединување на Германија се смета и за почеток на крајот на комунизмот во Источна и Централна Европа и уривање на бариерата создадена со Студената војна од 1961 година.

Масовни протести му претходеа на падот

Иако првите делови од Берлинскиот ѕид од страна на војската на Источна Германија официјално беа урнати на 13 ноември 1989 година сепак 9 ноември се смета за ден кога беше отстранета границата меѓу Источен и Западен Берлин.

Голем број граѓани на Источен Берлин со денови протестирале барајќи слободен премин во западниот дел од градот. Најмасовните протести се одржале на 4 ноември. На тие протести учествувале близу 500.000 луѓе. Властите во Источен Берлин пет дена подоцна го олесниле режимот на патување без притоа да навестат целосно укинување на границите.

Ненамерна грешка го забрзала отворањето на границата

Одлуката за слободен премин била соопштена вечерта на 9 ноември, а намерата била да стартува од 10 ноември со цел граничните служби да имаат време да се подготват. Сепак грешката на претставникот на Политбирото задолжен за односи со јавноста била причина тоа да се случи ден порано.

„Отсега ќе може приватно да се патува надвор од земјата без предуслови. Одлуката стапува на сила веднаш без одложувања”, изјавил Гинтер Шабовски.

Со тоа стимулирал илјадници граѓани на Источен Берлин да се упатат кон граничните точки и да бараат премин во западниот дел. Граничарите немале наредба да ги пропуштат. Постоела опасност од инциденти. Сепак дел од граничарите потоа одлучиле да дозволат премин. Граѓаните на Источен Берлин преминаа во западниот дел, а таму беа пречекани од нивните роднини и пријатели.

Кога и зошто беше изграден Берлинскиот ѕид

По крајот на Втората светска војна Советскиот Сојуз и западните сојузници не успеале да се договорат околу зоните на влијание во поразената Германија. Тоа придонело Берлин да биде поделен на четири зони на влијание под контрола на САД, Велика Британија, Франција и Советскиот сојуз.

Во источниот дел на Берлин кој бил под влијание на СССР по војната била оформена Источна Германија или Демократска Република Германија.

Масовниот егзодус на околу 2 милиони Германци од Источен во Западен Берлин ги натерало властите на Источен Берлин кои биле под влијание на СССР да направат граница меѓу двата дела на градот. Ѕидот долг 155 километри и висок четири метри бил подигнат на 13 август 1961 година. Достапните податоци велат дека околу 130 луѓе биле убиени при обид да преминат од еден во друг дел на Берлин.

TRT Balkan
Популарни