Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, објави дека е спроведена медицинска евакуација на 97 пациенти и сериозно повредени лица од Газа за да бидат однесени на лекување во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Анадолу.
Гебрејесус на социјалната мрежа X објави пост во врска со медицинската евакуација извршена во Појасот Газа, подрачје што е под интензивни бомбардирања и гранатирања од страна на Израел.
„СЗО, во соработка со Министерството за надворешни работи на ОАЕ и партнерите, ја спроведе најголемата медицинска евакуација од октомври 2023 година, евакуирајќи 97 болни и тешко повредени, заедно со 155 лица за придружба од Газа“, изјави Гебрејесус и додаде дека пациентите биле пренесени на аеродромот „Тимна“ (Рамон) во Израел преку влезот Керем Абу Салим (Шалом) за да отпатуваат кон Абу Даби на специјален лекарски третман.
Гебрејесус истакна дека меѓу евакуираните 45 се деца и 52 се возрасни со широк спектар на болести, вклучително рак, траума и повреди.
Наведувајќи дека СЗО и нејзините партнери обезбедиле трансфер на пациентите и покрај сериозните оперативни и безбедносни тешкотии, Гебрејесус рече:
„Бараме да се воспостават коридори за евакуација низ сите можни маршрути. Всушност, најдобар третман за сите пациенти е прекин на огнот.“