Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека длабоко се загрижени поради вестите за прекин на комуникациските линии и интензивните бомбардирања врз Газа, јавува Анадолу.
„Длабоко сме загрижени поради вестите за повторниот прекин на комуникациските линии и интензивното бомбардирање во Газа. Кога има прекин на комуникациските линии, луѓето на кои им е потребна итна медицинска помош не можат да стигнат до болниците и амбулантните возила“, рече Гебрејесус.
Тој додаде дека би требало повторно да се активираат сите канали за комуникација.
Израел синоќа, за помалку од еден час, изврши повеќе од 100 воздушни напади во различни делови на градот Газа, вклучително и областа околу болницата Шифа. Нападите се случија истовремено со целосниот колапс на сите комуникациски и интернет-услуги во Газа.