Фотографијата на која татко ја држи за рака својата ќерка загината во земјотресот на 6 февруари во Туркије, предизвика излив на сочувство и поддршка од целиот свет.
Три недели по катастрофата во која загинаа повеќе од 44.000 луѓе во Туркије и илјадници други во соседна Сирија, фотографот на АФП Адем Алтан го пронајде Месут Ханџер во главниот град Анкара.
Тој се преселил таму од Кахраманмараш, во близина на епицентарот на земјотресот.
„Ги изгубив мајка ми, браќата, внуците во земјотресот. Но ништо не се споредува со закопувањето на моето дете. Болката е неопислива”, рече Ханџер.
Фотографија со милиони прегледи
Фотографијата на Ханџер облечен во портокалова јакна додека ја држи ќерката за рака од под урнатините и покрај студот и дождот, беше објавена на насловните страници на многу медиуми и беше видена милиони пати на интернет.
Таа стана симбол на катастрофа која уништи десетици илјади животи. Семејството на Ханџер привлече внимание.
Бизнисмен му понуди на поранешниот пекар работа во една телевизија и на семејството му даде стан во Анкара.
Во нивната дневна соба е поставена слика на ќерката на Ханџер, Ирмак како ангел покрај нејзиниот татко. Сликата е донација од уметник.
„Не можев да и ја пуштам раката. Ќерка ми спиеше како ангел во својот кревет“, се присетува Ханџер.
Тој бил на работа во неговата пекара кога се случи земјотресот. Неговата сопруга и трите возрасни деца биле безбедни во нивната еднокатна куќа иако била оштетена.
Ја држев за рака, ја галев по косата, и ги бакнав образите
Но никој не можел да ја најде Ирмак најмладата која преноќила кај баба и. Сакала да помине време со роднини кои допатувале од Истанбул и Хатај.
Брзајќи во зградата на неговата мајка, Ханџер го пронашол блокот од осум ката урнат. Во средината на урнатините била неговата ќерка.
Пред да пристигне спасувачкиот тим, Ханџер и другите локални жители се обиделе самите да ги најдат своите сакани под урнатините, дури и се обидувале, но не успеале рачно да ги поместат бетонските блокови.
Не можејќи да го извлече телото на Ирмак, тој останал да седи покрај неа.
„Ја држев за рака, ја галев по косата, ѝ ги бакнував образите“, се сеќава Ханџер.
Подоцна го видел Адем Алтан како го фотографира местото на настанот.
„Фотографирајте го моето дете“, му рекол тивко Ханџер.