Тензии во Берлин на студентскиот протест против геноцидот во Газа / Photo: AA

Мирниот протест на кој студентите од Слободен универзитет Берлин (Freie Universität Berlin), во главниот град на Германија, сакаа да го насочат вниманието на израелските напади на Појасот Газа, доби драматичен пресврт кога на барање на раководството на образовната установа интервенирала полицијата.

Во амфитеатарот на зградата Ростлауб се собраа голем број студенти за да го изразат своето незадоволство кон Израел и едностраниот став на германската администрација кон насилството во Палестина.

Студентите истакнаа слики на децата жртви во судирите во Газа, палестински знамиња и транспаренти со пораки „Запрете го геноцидот“, „Над 8.000 деца се убиени во Газа, каде е осудата?“

И покрај предупредувањата на раководството да ги напуштат просториите, студентите останаа да седат и продолжија со протестот. Во демонстрациите имаше и презентации за ситуацијата во Палестина, Газа и за поширокиот развој на настаните на Блискиот Исток.

За време на собирот можеа да се слушнат паролите „Слобода за Палестина“ и „Германија финансира, Израел бомбардира“.

По повеќечасовниот протест полицијата на барање на управата ги оддалечи студентите од местото на собирот.

Насилната полициска интервенција над студентите предизвика мирна реакција на насобраните и многумина доброволно го напуштија амфитеатарот.

Група од четири лица, држејќи израелско знаме, седеа во последниот ред од амфитеатарот во текот на протестот.

AA
Популарни