Изјавата на Тлаиб следеше откако израелски снајперист уби едно палестинско дете и рани друго во понеделникот во Рафах, и покрај примирјето во Газа / Photo: AA

Американската конгресменка Рашида Тлаиб го повтори својот апел за целосно ембарго за оружје на Израел поради тековна војна што ја води во Појасот Газа.

„Израелскиот режим на апартхејд продолжува да убива палестински деца во Газа и на Западниот Брег. Палестинците се толку дехуманизирани што тоа веќе не е ниту вест. Етничкото чистење не е завршено. Тоа никогаш нема да запре сѐ додека не се воведе ембарго за оружје“, порача Тлаиб на платформата X.

Изјавата на Тлаиб следеше откако израелски снајперист уби едно палестинско дете и рани уште едно во понеделникот во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, и покрај договорот за прекин на огнот и размената на заробеници меѓу Израел и Хамас.

Детето, Закарија Хамид Јахја Барбах, беше убиено во близина на плоштад во центарот на Рафа од израелски снајперски оган. Уште едно дете е рането додека се обидувало да го извлече телото на Закарија.

Убиството претставува значително кршење на прекинот на огнот. Ниту властите во Газа, ниту посредниците за прекин на огнот во Египет, Катар и САД, ниту израелските власти не го коментараа инцидентот.

Договорот за прекин на огнот стапи на сила на 19 јануари, а првата фаза е предвидена да трае 42 дена, во текот на кои ќе се водат преговори за втората и третата фаза со посредство на Египет, Катар и САД.

Според договорот, Хамас ослободи три Израелки во замена за 90 палестински затвореници, од кои повеќето се жени и деца.

Според локалните здравствени власти, од 7 октомври 2023 година убиени се речиси 47.300 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 111.470 се ранети во геноцидната војна на Израел врз Газа.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант во ноември за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговата војна во палестинската енклава.

TRT Balkan / агенции
Популарни