Судот во Менхетен, Њујорк, денеска му даде дозвола на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да бара отфрлање на кривичната постапка против него за тајна исплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс, откако тој победи на изборите на 5 ноември.
Окружното обвинителство на Менхетен во вторникот соопшти дека се согласило да го одложи изрекувањето на пресудата за Трамп, кој е прогласен за виновен дека пред кампањата за изборите во 2016 година вршел тајни плаќања на актерката, во замена за нејзиното молчење за нивната наводна афера.
Обвинителството вели дека изрекувањето на пресудата се одложува за обвинителите да имаат време да го разгледаат очекуваниот предлог на Трамп за отфрлање на случајот.
Во писмото до судијата Хуан Меркан, канцеларијата на окружниот обвинител изјави дека Трамп најверојатно нема да биде осуден „до крајот на претстојниот претседателски мандат“, но дека не би требало и да се отфрли обвинението во тој случај.
Трамп беше осуден во мај по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги за да ѝ плати 130.000 долари на Сторми Даниелс.
Трамп се изјасни за невин во случајот, а неговите адвокати тврдат дека пресудата треба да биде отфрлена поради одлуката на Врховниот суд за претседателскиот имунитет, како и поради тоа што Трамп се подготвува да се врати во Белата куќа.