Доналд Трамп триумфално се појави за време на првата вечер на републиканската национална конвенција во понеделникот, добивајќи овации од партиските следбеници два дена откако преживеа атентат во кој куршумот истрелан од атентаторот Томас Метју Крукс му го повреди десното уво.
Трамп влезе во Форумот Фисерв во центарот на Милвоки со дебел завој преку увото додека толпата извикуваше „Борба! Борба! Борба!
Поранешниот претседател изгледаше трогнат од пречекот додека стоеше покрај членовите на семејството и сенаторот Џеј Ди Венс, кого Трамп го избра за потпретседател, откако неколку часа претходно и формално беше номимиран за републикански кандидат за претседател.
„Како потпретседател, Џеј Ди Венс ќе продолжи да се бори за нашиот устав, ќе застане покрај нашите трупи и ќе направи се што може за да ми помогне да ја направам Америка повторно голема“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Поранешен маринец и правник по професија, Венс беше еден од најжестоките критичари на Трамп пред и по неговата победата на изборите во 2016 година против демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон.
Но, додека Венс се подготвуваше да се кандидира за Сенатот на САД во Охајо во 2022 година, тој се трансформираше во еден од најверните бранители на поранешниот претседател, поддржувајќи го Трамп дури и кога некои колеги од Сенатот се откажаа.
Четиридневната конвенција беше отворена неколку часа откако Трамп обезбеди голема правна победа кога окружниот судија на Флорида го отфрли случајот во кој беше обвинет за незаконско чување доверливи документи на неговиот приватен имот.
Министерството за правда најави жалба на таа одлука.
Се очекува Трамп формално да ја прифати партиската номинација во четврток, кога се очекува да одржи говор, а потоа да се соочи со демократскиот претседател Џо Бајден на изборите на 5 ноември за уште еден четиригодишен мандат во Белата куќа.