Со нетрпение ја очекувам дебатата со Трамп, рече Харис / Photo: AA

Претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп и неговата ривалка од редовите на демократите Камала Харис се сложија да учествуваат на првата меѓусебна дебата на 10 септември, објави доцна синоќа Еј-би-си Њуз.

Мрежата го објави ова на X по изјавата на Трамп во која ја изрази својата подготвеност да се вклучи во повеќе дебати со неговата противничка од демократите пред изборите во ноември.

Трамп предложи да има три дебати, сугерирајќи Фокс њуз и Ен-би-си да бидат домаќини на дополнителни две, но Харис е воздржана за дебата водена од Фокс њуз бидејќи се смета како мрежа што го фаворизира Трамп.

Харис го потврди своето учество во дебатата на Еј-би-си за време на вчерашниот настан во Мичиген и укажа на својата отвореност за повеќе дебати.

„Со нетрпение ја очекувам дебатата со Доналд Трамп, а 10 септември е нашиот датум. Разбрав дека тој конечно се обврза и со нетрпение ја чекам дебатата“, рече Харис.

Потврдата дојде неколку недели по влегувањето на Харис во трката за претседател по повлекувањето на нејзиниот шеф, претседателот Џо Бајден, по разочарувачкиот настап на дебатата со Трамп во јуни.

Се смета дека влегувањето на Харис во трката ги поттикнало демократите, а неколку анкети покажуваат дека трката меѓу Харис и Трамп се заострува.

AA
Популарни