Кандидатот на Републиканската партија на претседателските избори во САД, Доналд Трамп денеска прогласи победа на изборите, оценувајќи дека тоа е „најголемата политичка победа на кое било политичко движење“.
Трамп излезе пред поддржувачите додека имаше освоени 267 електорски гласови, а противкандидатка Камала Харис 224 гласови.
„Благодарам на американскиот народ што ми ја направи честа да бидам 47-ми претседател на оваа земја. Ќе се борам за секој граѓанин, семејство и иднина, со секој здив на моето тело, нема да мирувам додека не им ја предадеме силната Америка на нашите деца кои тоа го заслужуваат“, рече Трамп за време на обраќањето пред своите поддржувачи во изборниот штаб во Вест Палм Бич, Флорида.
Тој изјави дека САД „денес со причина испишаа историја“, велејќи дека предвидел дека освоил најмалку 345 електорски гласови.
„Победивме, покрај поколебливите држави, Северна Каролина, Џорџија, Висконсин, Пенсилванија и во Мичиген, Аризона, Невада, Алјаска“, рече Трамп.
Тој им се заблагодари на гласачите што го добија таканаречениот народски глас, односно најголем број директни гласови.
Ова ќе биде златното доба на Америка. Ова е величествена победа за американскиот народ, која ќе ни овозможи повторно да ја направиме Америка голема, рече Трамп.
„Навистина верувам дека ова беше најголемото политичко движење на сите времиња, вакво нешто немало во оваа земја, а сега ќе достигне нови нивоа. Ќе помогнеме државата да заздрави, ќе ги поправиме границите, ќе поправиме се. Вечерва испишавме историја со причина, надминавме пречки кои мислевме дека нема да ги надминеме, само погледнете што се случи. Ова е политичка победа каква што Америка никогаш не видела“, рече тој.
„Сакам да им се заблагодарам на милионите вредни Американци низ целата земја кои отсекогаш биле срцето и душата на ова навистина големо движење.
Ова засекогаш ќе остане запаметено како денот кога американскиот народ ја врати контролата врз својата земја“, додаде Трамп во продолжението на својот говор.