Шефот за човекови права на ОН, Фолкер Турк, денес изрази голема загриженост поради неодамнешната ескалација на Блискиот Исток и го повтори својот повик за прекин на огнот, јавува Анадолу.
„Уште колку животи треба да се изгубат за завојуваните страни да стават крај на ова страдање?“, изјави Турк.
„Единствениот начин да се стави крај на трагедијата за невините луѓе од сите страни е траен и непосреден прекин на огнот на сите фронтови; во Либан, во Израел и се разбира во Газа“, додаде тој.
Турк рече дека десетици лица, според наводите, биле убиени во израелските воздушни напади врз Либан во период меѓу 22 и 24 ноември, вклучувајќи осум деца и 19 жени, и додаде дека најмалку седум болничари, исто така, наводно биле убиени.
Истакнувајќи дека речиси половина од нападите врз тимовите и објектите за здравствена заштита во Либан предизвикале смрт најмалку кај едно лице - највисок процент во споредба со кој било друг активен конфликт во светот, тој рече: „Ова е уште еден показател за тоа колку е брутална оваа војна за здравствените работници и воопшто за цивилите“.
„Здравствениот персонал, кој исклучиво работи на медицински должности, мора да биде почитуван и заштитен во сите околности. Ако тие се цел како такви, тоа претставува прекршување на меѓународното хуманитарно право и може да претставува воено злосторство“, рече шефот на ОН за човекови права.
Турк го повика Израел „да стори сѐ“ за да обезбеди целосна заштита на медицинскиот персонал и да ги минимизира сите жртви меѓу нив, како и каква било штета на здравствената инфраструктура.
Тој нагласи дека израелската воена акција во Либан предизвикала „големи загуби на цивилни животи, раселување и уништување на цивилната инфраструктура, предизвикувајќи сериозна загриженост за почитувањето на принципите на пропорционалност, дистинкција и мерките на претпазливост“.
Израел ги засили своите воздушни напади во Либан против, како што тврди, локациите на Хезболах, како дел од едногодишната војна против либанската група од почетокот на војната во Газа минатата година.
Повеќе од 3.760 луѓе се убиени во израелските напади во Либан, со речиси 15.700 повредени и над еден милион раселени од октомври минатата година, според либанските здравствени власти.
Израел на 1 октомври оваа година го прошири конфликтот со копнениот напад во јужен Либан.