Тој предупреди дека смртоносните и деструктивни операции на Западниот Брег се во размери невидени во последните две децении / Photo: Reuters

Комесарот за човекови права на Обединетите нации (ОН), Фолкер Турк, изјави дека ставањето крај на војната во Газа и спречувањето целосен регионален конфликт е апсолутен и итен приоритет.

Турк ги даде овие изјави на отворањето на 57-та седница на Советот за човекови права во Женева.

„Исто така, пошироката ситуација на незаконитост низ окупираната палестинска територија, која произлегува од политиките и практиките на Израел, како што е јасно наведено од Меѓународниот суд на правдата во неговото советодавно мислење во јули, мора сеопфатно да се решат“, рече Турк.

„Државите не смеат и не можат да прифатат бесрамно непочитување на меѓународното право, вклучително и обврзувачките одлуки на Советот за безбедност и наредбите на Меѓународниот суд на правдата, ниту во оваа, ниту во која било друга ситуација“, повика тој.

Истакнувајќи дека Палестинците се борат да преживеат секој ден, тој рече дека речиси 1,9 милиони луѓе се присилно раселени низ Појасот, повеќепати.

„Иако вистинската бројка е веројатно поголема, речиси 10.000 Палестинци се наоѓаат во израелски затвори или ад хок воени објекти, а над 50 луѓе загинале поради нехумани услови и малтретирање“, рече тој, додавајќи дека 101 израелски заложници се верува дека сè уште се наоѓаат во Газа.

Тој предупреди дека „смртоносните и деструктивни“ операции на Западниот Брег се во размери „не видени во последните две децении“ и „ја влошуваат катастрофалната ситуација“ која веќе е отежната од насилството на еврејските доселеници.

Израел продолжува со разорната воена офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кој однесе 1.200 животи, а околу 250 лица беа земени како заложници.

Оттогаш се убиени речиси 41.000 Палестинци, главно жени и деца, огромни делови од Газа се во урнатини, а поголемиот дел од населението се без покрив над главата и имаат потреба од помош.

AA
Популарни