Националната авиокомпанија Туркиш ерлајнс е рангирана како осма најсилна авиокомпанија во светот со 78,1 поен, според истражувањето на водечката независна консултантска компанија за вреднување и стратегии.
Во она што е наречено како „метеорски скок“, Туркиш ерлајнс се искачи за 23 места за една година, и се најде меѓу топ 10, покажа истражувањето на Бренд Фајненс (Brand Finance).
„Со одговорноста да бидеме национален авиопревозник на нашата земја и моќта да бидеме авиокомпанија што лета во повеќе земји од која било друга авиокомпанија во светот, ние ќе продолжиме да го носиме нашиот бренд до уште многу успеси“, изјави претседателот на Туркиш ерлајнс Ахмет Болат
Јапонскиот АНА (All Nippon Airways) беше најсилниот авиопревозник оваа година со 85 поени. Авиокомпанијата ги обнови меѓународните летови во 2022 година по двегодишен прекин поради пандемијата со Ковид-19.
По него следеа „Кореан Ер“ и малезиската „Ер Азија“, покажа истражувањето.
Основана во 1933 година со флота од пет авиони, Туркиш ерлајнс моментално може да се пофали со флота од 416 (патнички и товарни) авиони кои летаат до 344 светски дестинации, вклучувајќи 291 меѓународни и 53 домашни.
Вредностите на брендот брзо се зголемуваат
Бренд Фајненс категоризира 5.000 брендови секоја година според финансиската вредност. Бренд Фајненс ова го прави 20 години, а објави дека американска Делта ерлајнс повторно е највредниот бренд во светот за 2023 година со вредност на брендот од 8,9 милијарди долари, што е за 22 отсто повеќе од една година.
„Пандемијата можеби ги приземји авионите, но не можеше да ги спречи луѓето да сонуваат за патување. Како што светот повторно се отвора, авиокомпаниите се подготвени да полетаат, а нивните вредности брзо се зголемуваат“, рече директорот за финансии Савио Д'Соуза. .
Се очекува глобалната авиоиндустрија да закрепне во 2023 година, при што приходите ќе достигнат 779 милијарди долари и нето профитот 4,7 милијарди долари, стои во истражувањето.
Етиопијан ерлајнс беше најбрзо растечки авиопревозник на глобално ниво, а вредноста на брендот порасна за 79 отсто оваа година и стана најголема африканска авиокомпанија со 498 милиони долари.
Туркиш ерлајнс е на 17-тото место на највредните авиокомпании за оваа година. Напредуваше две позиции во споредба со минатата година. Вредноста на брендот се зголеми за 26 отсто.