Трговски односи ЕУ-Русија: Од огромен дефицит до мал суфицит / Photo: Reuters

Трговијата меѓу ЕУ и Русија трпи сериозни последици по одлуката на Европската унија за ограничување на увозот и извозот на неколку производи како последица на руската инвазија на Украина, покажуваат податоците на Евростат. Уделот на Русија во извозот надвор од ЕУ опаднал од 4 отсто во февруари 2022 година на 1,8 отсто во март 2023 година. Во истиот период уделот на увозот на Русија во увозот надвор од ЕУ опаднал од 9,5 отсто на 1,9 отсто.

Увозот и извозот под нивото пред инвазијата

Според анализите увозот и извозот се паднати под нивото кое било актуелно пред руската инвазија. Трговскиот дефицит на ЕУ со Русија кој достигна највисоко рамниште од 18,2 милијарди евра во март 2022 се намали на 6 милијарди евра во декември 2022 година. Тенденцијата во оваа насока доведе до суфицит во март 2023 година од 0,2 милијарди евра. Вредноста на увозот од Русија падна од 22 милијарди евра во март 2022 година на 3,8 милијарди евра во март 2023 година. Вредноста на извозот во Русија незначително пораснал од 3,6 милијарди евра на 4 милијарди евра. Тоа сепак е над двојно помалку од февруари 2022 година кога изнесуваше 8 милијарди евра.

Енергетските производи го креираат вкупниот биланс

Вкупниот трговски биланс на ЕУ со Русија е производ на билансот од енергетските производи, анализира Евростат. Растот на цените на енергентите во 2021 и 2022 годиина предизвика значаен трговски дефицит, но ограничувањето на увозот и падот на цената го намалија трговскиот дефицит на ЕУ кој во првиот квартал во 2023 изнесуваше 5,6 милијарди евра. Ако се анализира дефицитот на ЕУ со Русија само во делот на енергентите тој е намален од 43,9 милијарди евра во првиот квартал во 2022 на 11,3 милијарди евра во првиот квартал од 2023 година.

TRT Balkan
Популарни