Турските вооружени сили извршија воздушни напади и уништија најмалку 14 позиции на терористичката организација ПКК во планинските региони на северен Ирак.
„Денеска, нашите воздушни сили погодија 14 цели во регионите Гара, Хакурк и Кандил во северен Ирак, кои се користат од сепаратистичко-терористичка организација“, соопшти вчера турското Министерство за одбрана на социјалната мрежа Х.
Во соопштението се наведува дека во воздушните напади биле погодени позиции на терористите како пештери, засолништа, бункери и магацини.
Се наведува дека во бомбардираните локации имало и терористи и дека неколку од нив се неутрализирани.
„Нападите беа извршени за елиминирање на терористичките закани и напади против Туркије и нејзините безбедносни сили од северен Ирак со неутрализирање на членовите на терористичката група ПКК и други терористички елементи и за обезбедување на границата во согласност со легитимните права на самоодбрана кои произлегуваат од Член 51 од Повелбата на ОН“, се наведува во соопштението од Анкара.
Исто така, се наведува дека турските сили ги презеле сите можни мерки на претпазливост за време на оваа операција за да ги заштитат невините цивили, пријателските елементи, историските и културните карактеристики и животната средина.
ПКК е сепаратистичка организација која е наведена како терористичка група во Турција, Европската Унија и Соединетите Американски Држави. За време на повеќедецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Планинските региони Кандил, Гара, Метина, Авасин-Басјан, Хакурк, Зап и Хафтанин се наоѓаат на северот на Ирак и ги претставуваат главните упоришта на терористичката организација ПКК.