Досега се објавени осум делови од интерните документи на Твитер / Photo: Reuters

Нова тура документи открива како Твитер заедно со американската влада работел на поддршка на психолошките операции на Пентагон наменети за Блискиот Исток преку мрежа на специјализирани профили.

Како и претходните документи, така и оваа „пратка“ е обелоденета од страна на Илон Маск кој откако за 44 милијарди долари ја купи социјалната мрежа се заложи за зголемување на транспарентноста и управувањето со содржините и внатрешните политики.

Документите ги обработи Лин Фенг истражувачки новинар од „Интерсепт“ (The Intercept) без влијание или насоки како што тврди Маск.

„И покрај ветувањата дека ќе ги затвори тајните државни пропагандни мрежи, документите на Твитер покажуваат дека гигантот на социјалните мрежи директно помагал во операциите за влијание на американската војска“, објави Фенг на неговиот Твитер профил во серија на твитови со детали од обелоденетите документи.

Главната поента на објавувањето на овие документи е обидот да се докаже дека тогашното раководство на Твитер дозволило оваа мрежа на американската војска да функционира без никакви ограничувања иако компанијата јавно тврдела дека прави напори за спречување на профилите кои шират прикриена пропаганда, а се под контрола на државните безбедносни и воени служби.

Во овој случај станува збор за профили кои биле управувани или биле во координација со Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) која е под надлежност на Министерството за одбрана.

„Профилите на ЦЕНТКОМ на списокот често твитаа за воените приоритети на САД на Блискиот Исток, вклучително и промоција на пораки против Иран, промоција на војната во Јемен поддржана од Саудиска Арабија и САД и наводи за „прецизните“ напади на американски беспилотни летала за кои се тврди дека ги погодуваат само терористите“, открива Фанг.

Што се „Твитер досиеја“?

Серијалот на објави на „Твитер досиејата“ oд вкупно осум дела досега опфаќаше комуникација и внатрешни документи на социјалната мрежа во која се разговара за ограничување на содржините кои ги објавуваат профили со конзервативни политички убедувања.

Опфатена беше како е донесена одлуката за забрана за профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп по упадот на Капитол хил на 6 јануари непосредно по изборите.

Исто така по интервенција на Маск беа објавени интерни документи за спречување на објави поврзани со протечените мејлови и податоци од лаптопот на Хантер Бајден, инаку син на актуелниот претседател Џо Бајден.

Засега реакциите и од демократите и републиканците се измешани, што е причина за дополнителна поларизација. Едната страна тврди дека конечно е „откриена левичарската пристрасност на Твитер“, додека пак другите тврдат дека документите покажуваат колку тимот на социјалната мрежа имал предизвици да се справи со начелата на непристрасност и дека претежно биле носени правилни одлуки.




TRT Balkan / агенции
Популарни