Највисокото европско фудбалско тело УЕФА во средата објави дека го казни Селтик со 29.000 евра поради големиот број инциденти за време на натпреварот од групната фаза во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид на 25. октомври, кој заврши нерешено 2-2.
На шкотскиот клуб му беше наложено да плати 17.500 евра за прикажување „провокативна порака од навредлива природа“, 8.000 евра за блокирање на јавните премини од страна на нивните навивачи и 3.500 евра за палење огномет.
УЕФА, исто така, го казни шпанскиот Атлетико Мадрид со 3.000 евра за палење огномет од страна на неговите навивачи, како и предупредување за „неправилното однесување на тимот“ на истиот натпревар.
Навивачката група „Зелената бригада“, на која шкотскиот клуб во октомври ѝ забрани да присуствува на натпреварите на гостувањата, и понатаму инсистира да ја покаже својата поддршка за Палестина со истакнување на нејзиното знаме на неколку натпревари.
Селтик беше казнет и со 23.400 евра поради запален огномет на трибините за време на нивниот прв натпревар од групната фаза против Феенорд во Ротердам.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по офанзивата што ја започна палестинската група Хамас на 7 октомври.
Бројот на загинати во израелските воздушни и копнени напади врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 14.532, вклучувајќи над 6.000 деца и 4.000 жени, соопшти во средата канцеларијата за медиуми во опколената енклава.