Дури и пред 7 октомври, менталните болести кај децата надмина 70 отсто поради израелската опсада на Газа и претходните напади во изминатите години / Photo: Reuters

Самир Хасуна и Јазан Шингер станаа пријатели на работното место. Но тие воопшто не требаше ниту да бидат таму.

На 14 и 11 години тие би требало да бидат на училиште или на игралиште, уживајќи во своето детство како и останатие на нивната возраст на други места во светот.

Но во палестинската енклава Газа, децата го немаат луксузот на нормално детство.

Уште повеќе откако Израел започна воена кампања на „изгорена земја“ во Газа во октомври, при што загинаа над 32.000 луѓе, од кои повеќе од 13.000 деца, според Министерството за здравство на Газа.

Додека светот го одбележа 5 Април- Денот на палестинските деца, кој секоја година се одбележува во знак на солидарност со малолетниците во Газа и другите окупирани територии, иронијата не беше изгубена кај Самир и Јазан додека ја извршуваа нивната секојдневна рутина.

Тие сечат дрвја секаде каде што ќе ги најдат, ги собираат дрвата и ги продаваат како огревно дрво на импровизираниот штанд во Деир ал-Балах, каде што Самир живее со своите родители во шатор.

„Заработуваме помалку од 30 долари на ден... Јас сум многу изгорен од сонце поради долги часови работа на отворено. Работам за малку до ништо. …Иако и моите помали браќа и сестри работат, ние едвај покриваме 10 проценти од дневните потреби“, изјави Самир за ТРТ Ворлд.

„Пред војната секогаш го имав мојот омилен шаварма сендвич, но сега не можеме да си го дозволиме. Детството ни е украдено“, додава момчето, кое го дели шаторот со уште 14 членови на семејството.

Јазан, кој живее со своите родители и петте браќа и сестри, се гуши додека ги опишува тешкотиите со кои се соочуваат.

„Од почетокот на Рамазан, имавме само бајат леб со малку конзервирана туна за Сухур. Во меѓувреме, одиме во блиската народна кујна за да донесеме чинија храна за ифтар“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

Слабите тела и и исцрпените лица на Самир и Јазан ги издаваат тешкотиите со кои се соочуваат. Облеката им е стара и искината и работат боси поради недостаток на соодветни обувки.

Бомби и куршуми

Животот долго време беше борба за жителите на Газа, постојано соочени со злосторствата од израелските војници.

Но ништо не ги подготви за она што се случи по прекуграничните операции на Хамас на 7 октомври.

Принудени да ги напуштат своите домови во бегалскиот камп Ал-Бураиџ и областа Ал-Мограга во централна Газа, семејствата на Самир и Јазан побараа засолниште во Деир ал-Балах, крајбрежен град окружен со палми во јужна Газа.

Некогаш дом на околу 25.000 луѓе, сега е засолниште за повеќе од половина милион - повеќето од нив се раселени од други области во Газа.

Но Израел ја донесе војната и во Деир ал Балах бидејќи бомбите и куршумите паѓаа врз цивилите на улиците, во нивните импровизирани шатори, па дури и во болниците.

Работниот сектор во Газа, кој претежно го сочинуваат хонорарци и дневни надничари, целосно пропадна, оставајќи стотици илјади луѓе без извор на приход.

Смртта на членовите на семејствата кои заработуваа принуди многу Палестинци да ги вклучат своите деца во работата.

„Ја изгубивме нашата фабрика за мермер и нашата куќа. Тоа беше мојот главен извор на приход. Сега станува се полошо и потешко“, вели Мохамед, таткото на Самир.

Самир(14) и Јазан(11) сечат дрвја секаде каде што ќе ги најдат, ги собираат и ги продаваат како огревно дрво на импровизираниот штанд во Деир ал-Балах TRT World

„Никогаш не сакав да го терам да работи, но мојата заработка е недоволна да го прехранам целото семејство. Знам дека му е тешко, но немаме друг избор“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

Таткото на Јазан, Рами, вели дека смртта на неговите браќа и другите возрасни членови многу тешко ги погодила, но и ги намалило приходите на семејството.

„Погрешно е што Јазан работи зашто никогаш порано не го правел тоа... Се надевам дека војната ќе заврши за да можам да го видам со ранец во училиште многу наскоро. Ниту еден татко не сака да ги гледа своите деца на овој начин“.

Но дури ни 12 часа макотрпна работа не им дава доволно на Самир и Јазан.

„По вечерната молитва, излегуваме во темница да купиме грицки. Гледаме во нашите џебови и гледаме што сме заштедиле. Едвај купуваме едно пакетче бисквити и го делиме“, вели Самир.

„Ние сакаме пакет нудли, но тоа е навистина недостапно. Нашите татковци ни даваа пари за да купиме што и да сакаме. Сега, тие не можат да ни обезбедат храна“.

Јазан открива дека се дружат навечер и понекогаш играат криенка со заеднички пријатели.

Тие се разделуваат околу 20 часот, надевајќи се дека ќе се сретнат повторно следниот ден додека израелските беспилотни летала зујат над нив, барајќи ја следната цел за бомбардирање.

„Ми недостигаат моите соученици со кои поминував поголем дел од времето и си играв. Ми недостигаат моите книги, моливите и наставниците. Сега, моите наставници се убиени, моето училиште е уништено, а јас немам куќа“.

„Се што сонувам сега е да се вратам дома и да играм џамлии и уличен фудбал со моите пријатели“, додава тој.

Кревки и трауматизирани

Здравствените експерти и активистите за права предупредуваат за долгорочните физички и психолошки лузни што може да ги остави тековната војна врз децата изложени на толку многу насилство.

„Губење на нивните семејства, гледање на нивните домови урнати и преземањето неподносливи обврски се причините зошто на овие деца ќе им треба повеќегодишна ментална помош за да се излечат“, изјави американско-палестинскиот психотерапевт Вивијан АбуАлол за ТРТ Ворлд.

„Нема ништо што потпаѓа под значењето на детството. Сето тоа е страдање и ужас. Тие се дури и лишени од нивните најосновни права, вклучувајќи храна и вода. Освен тоа, нивното физичко здравје се влошува поради глад и неухранетост“.

Одај Ал-Набахин (14) сега живее во камп во Деир ал-Балах, откако израелските сили ја уништија неговата куќа во бегалскиот камп Ал-Бураиџ пред три месеци.

Откако очајно барал, но не успеал да најде работа за да го надополни приходот на неговото семејство, Одај конечно решил да ги продаде своите училишни книги за да заработи колку што може.

Тој, исто така, се обидува да собира и продава дрва за огрев, но од неговата работа заработува само 5 долари, едвај доволно да донесе дома неколку лименки грашок и грав за да ги јаде со семејството.

Побарувачката за огревно дрво се зголеми низ Газа поради недостапноста на гас за готвење, при што Израел сериозно го ограничи снабдувањето од почетокот на војната.

„Нашиот живот е само страдање. Немаме ниту храна ниту вода. Поминуваме часови во редици за да земеме вода и чинија храна од блискиот центар кој обезбедува бесплатна храна за сиромашните“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

„Играв фудбал со моите пријатели, поминував малку време со моето семејство и ги носев сите грицки што ги сакам. Само сакам мојот живот да се врати како што беше пред 7 октомври. Многу ми недостига“.

Мустафа Абу-Зир, палестински психотерапевт и основач на невладината организација Хилинг4Ол (Healing4All), вели дека децата во Газа се кревки и трауматизирани, а исто така и најтешко страдаат од тековната војна.

„Дури и пред 7 октомври, статистиката за менталните болести кај децата надмина 70 отсто поради израелската опсада на Газа и претходните напади на енклавата во изминатите години“, изјави Зир за ТРТ Ворлд.

„Сега, со ова ниво на физичка и ментална тортура, секое дете и возрасен во Газа имаат очајна потреба од ментална поддршка... Навистина се соочуваме со најголемата ментална здравствена криза досега во Газа“.

TRT World
Популарни