Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна војната против Украина во февруари 2022 година / Photo: AA

Унгарија во понеделникот ја одобри кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, отстранувајќи ја последната пречка пред историскиот чекор на нордиската земја, која со децении ја одржуваше својата официјална неутралност.

Гласањето се одржа во унгарскиот парламент, откако во петокот премиерот Виктор Орбан се сретна во Будимпешта со шведскиот премиер Улф Кристерсон, при што двете земји потпишаа договор за оружје.

Кристерсон објави дека земјите потпишале билатерален договор за продолжување на соработката за воените авиони ЈАС 39 Грипен од шведско производство, кои Унгарија ги изнајми во 2006 година.

Двајцата лидери се согласија дека лизингот на 14-те авиони ќе биде продолжен за уште една деценија, почнувајќи од 2026 година, при што Унгарија ќе купи уште четири авиони од Шведска.

Кристерсон рече дека договорот ќе ја зајакне европската безбедност и ќе има корист за двете земји.

Тој, исто така, ја пофали Унгарија за нејзиниот придонес во НАТО операцијата Ер полисинг во Балтичкото Море, во близина на Шведска.

Унгарија е последната членка на НАТО која ја одобри кандидатурата на Шведска, откако турскиот парламент го стори тоа минатиот месец.

Финска и Шведска, двете нордиски земји блиски или кои граничат со Русија, аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година.

Финска стана 31-виот сојузник на НАТО во април 2023 година по одобрението од сите парламенти на земјите-членки на алијансата.

AA
Популарни