Војната во Појасот Газа остави непроценливи последици за најмладите, со најмалку 14.500 загинати и илјадници повредени деца, се вели во апелот на УНИЦЕФ во кој се објавува што итно треба да се направи за да се обезбеди најмладите жители на Газа да имаат минимален животен стандард.
„Речиси секое дете во Газа знае што значи да се биде раселено, нивните семејства растурени, нивните домови уништени“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ, додавајќи дека „ниедно дете нема да излезе од ужасот на бомбардирањето нетрауматизирано“.
УНИЦЕФ го поздравува прекинот на огнот, иако само тоа нема да стави крај на страдањата на децата.
„Мобилизираме ресурси за да ја зголемиме и прошириме нашата реакција за итни случаи. Само со безбеден, неограничен пристап низ Газа, хуманитарците можат да достават помош што ќе стигне до рацете на децата“, се вели во апелот на УНИЦЕФ.
„Од почетокот на оваа војна, персоналот на УНИЦЕФ е на терен, работи со партнерите за да обезбеди вода за пиење за раселените семејства, да ги лекува сериозно неухранетите деца и да обезбеди медицински материјали и вакцини за децата во болниците и засолништата“, се наведува во апелот на УНИЦЕФ, кој, пред сè, повикува на целосно почитување на договорот за прекин на огнот и размена на заложниците.
УНИЦЕФ апелира децата да имаат пристап до училиштата, болниците и да им се обезбеди водоводна и санитарна инфраструктура.
„На децата и нивните семејства мора да им се дозволи слободно да се движат и не треба да бидат принудени да се преселат“, се вели во апелот на УНИЦЕФ.
Тес Инграм, менаџер за комуникации за УНИЦЕФ, изјави за Ал Џезира дека запознала семејства во Газа кои граделе импровизирани засолништа на урнатините на некогашните нивни домови.
Таа додаде дека е особено загрижена за добросостојбата на децата.
„За децата во овие услови не само што е страшно да се биде надвор, изложени на студ, туку е и многу опасно. Имавме голем број деца во Газа кои починаа од хипотермија. Семејствата немаат способност да се погрижат нивните деца да бидат заштитени“, рече таа.
„Она што луѓето најмногу од нас бараат се шатори, церади и вода, бидејќи водоводните системи се целосно уништени и не им се дава можност ниту да ги поправат“, рече таа.